Маја Мурму (70) била по вода во четвртокот наутро во селото Раипал во источна Индија, кога наеднаш се појавил слон и ја изгазил. Подоцна починала во болница од здобиените повреди, изјави инспекторот Лопамудра Најак.
Потоа вечерта истиот слон се вратил додека нејзиното тело било ставено на погребната клада, го земал, повторно го прегазил и го фрлил. Семејството потоа го земало телото на починатата и продолжило со церемонијата, пишува Дејли мејл.
Се верува дека слонот патувал од засолништето за диви животни Далма во државата Џарканд, 200 километри оддалечено од Раипал во државата Одиша, во област Мајурбхан.
Слоновите убиваат околу 100 луѓе секоја година во Индија, иако бројот може да достигне 300, според Светскиот фонд за диви животни.
Индиската влада се обидува да спречи вакви инциденти со ставање радио ланчиња на слоновите и со предупредување на локалното население преку текстуални пораки доколку се појават слонови во населени места.