Четворицата монаси, во храмот во округот Бунг Сем Фан во покраината Фечабун, биле позитивни на метамфетамин, изјави за АФП официјален претставник на округот Бунлерт Тинтаптаи. Монасите се испратени во здравствена клиника за одвикнување од зависноста од дрога, рече службеникот.
„Сега нема монаси во храмот и селаните се загрижени. Ќе бидат испратени повеќе монаси во храмот за да можат селаните да ги извршуваат своите верски обврски“, рече тој.
Според Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), Тајланд е главната транзитна земја за метамфетамин што доаѓа преку Лаос од државата Шан во Мјанмар, пишува Си-би-ес. Јаба, пилула која содржи кофеин и метамфетамин, се продава на улица. Цената на една таблета е помала од 20 бати, што е околу 50 центи.
„Мет, а особено Јаба, лесно може да се најде во секој агол на Тајланд. Понудата насекаде е зголемена, а во моментов пилулата е поевтина од пиво“, изјави Џереми Даглас од УНОДЦ за Тај инкуајерер.
Властите низ Југоисточна Азија и остатокот од светот направија рекордни заплени на метамфетамин во последните месеци. Минатиот месец, Хонг Конг наводно ја имаше најголемата заплена на метамфетамин во историјата. Пронајдени се 1,8 тони течен метамфетамин скриен во пакувања со кокосова вода.