Сингапур комплетно го менува планот: ќе престане со масовно тестирање и броење на заразените

Земјите од азиско-пацифичкиот регион ги засилуваат мерките за борба против потенцијалниот пробив на делта-сојот на коронавирусот, но не и Сингапур. Сингапур има нова визија за нормален живот.

Фото: ЕПА

Новиот план за враќање на животот во нормала беше предложен од тројца членови на Сингапурската група за борба против коронавирусот - министерот за здравство, министерот за финансии и министерот за трговија, и содржи укинување на блокадата и масовна потрага по контактите, а овозможува и патување без карантин и големи собири.

Како што пишува Си-ен-ен, овој предлог значи радикално отстапување од т.н. модел „нула стапка на пренос“, усвоен од неколку земји, меѓу кои и Хонг Конг, кој досега беше успешен во борбата против коронавирусот и успеа да избегне големи жаришта на епидемијата.

Но сингапурските експерти тврдат дека овој модел со нулта-стапка на пренос, за кој е потребен карантин, е невозможно да се одржи на долг рок и дека мора да се научиме да живееме со коронавирусот. Тие велат дека тоа е можно.

„Лошата вест е дека коронавирусот можеби никогаш нема да исчезне. Можеме да ја претвориме оваа пандемија во нешто помалку заканувачко, како грип или варичела", рекоа тројцата министри од Сингапур минатата недела.

Си-ен-ен пишува дека ова е храбар план и може да стане модел за другите земји што сакаат да се вратат во нормалниот живот, да продолжат со патувањата и туризмот и да им дадат надеж на фрустрираните жители што сакаат да го продолжат својот живот нормално по 18 месеци пандемија и разни ограничувања.

Како планира Сингапур да го стори тоа?

Кој е клучот на Сингапур за овој нов пристап кон пандемијата? Висока стапка на вакцинација, пишува Си-ен-ен. До средината на јули две третини од населението во Сингапур ќе ја примат првата доза вакцина, а до 9 август сите треба да бидат целосно вакцинирани.

„Вакцините се мошне ефикасни и го намалуваат ризикот од инфекција. И дури и да сте заразени, вакцината ќе спречи сериозни последици од коронавирусот“, рекоа министрите.

Си-ен-ен пишува дека Сингапур исто така ќе го промени начинот на секојдневно следење на новозаразените додека сѐ повеќе луѓе ќе се вакцинираат и наведува дека овој надзор ќе биде сличен на оној за следење и броење на случаите на грип. Сингапур ќе ги контролира само оние што сериозно ќе се разболат или што ќе завршат на одделите за интензивна нега. Заразените лица ќе можат да се лечат дома.

„Помалку ќе се грижиме за преоптоварување на здравствениот систем“, рекоа министрите, додавајќи дека за новите, потенцијално позаразни соеви, кои го загрижуваат светот, може да биде потребна дополнителна вакцинација во иднина и да се воспостави повеќегодишна програма за вакцинација.

Тестовите ќе се спроведуваат со анализа на здивот

Исто така, министрите сугерираат да се спроведат тестови во точно одредени сценарија, како, на пример, во пресрет на големи јавни собири или при враќање од странство, наместо да се следат и да се ставаат во карантин блиските контакти. За да можат да го сторат тоа, министрите од Сингапур велат дека ќе бидат воведени побрзи и поедноставни методи за тестирање од ПЦР-тестовите, бидејќи чекањето за резултатите од ПЦР трае премногу долго. Другите методи на кои се работи вклучуваат методи за тестирање со анализа на здивот, нешто слично на тестирање за алкохол, со што резултатите од тестот би биле готови за минута-две.

Министрите исто така велат дека со текот на времето ќе станат достапни повеќе лекови за коронавирусот и посочуваат дека веќе постојат терапевтски лекови што се ефикасни во лекувањето на критично болните, го забрзуваат закрепнувањето и ги намалуваат смртните случаи.

Тие исто така велат дека ќе ги повикаат граѓаните што е можно повеќе да практикуваат социјална одговорност: одржување добра хигиена и држење подалеку од гужви кога ќе се чувствуваат лошо.

„Со вакцинација, нови начини на тестирање и лекување и почитување на општествената одговорност, одговорот на короната во иднина може да биде сосема поинаков отколку што е сега“, велат министрите.

Си-ен-ен пишува дека Сингапур е познат по успехот во борбата против коронавирусот благодарение на строгите контроли на границата, воспоставувањето карантин и трагањето по контакти, како и правилата за собири, и дека тие претходно успеале да ги спречат жариштата на епидемијата.

Во последниов месец, Сингапур бележи просечно 18 случаи на ден, а од почетокот на епидемијата имаат 36 смртни случаи.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе

Со само 48% вакцинирано население, недозволиви грешки на стручниот штаб за Ковид-19 и масовни протести против вакцинација, очигледно е дека кампањата за вакцинација во Словенија беше навистина неуспешна. 

повеќе