Министрите за енергетика на Европската унија (ЕУ) не се договорија за ограничување на цената на рускиот гас, објави Кадри Симсон европската комесарка за енергетика.
Таа рече дека следната недела Европската комисија (ЕК) ќе претстави нови предлози за борба против енергетската криза.
„Сè уште ништо не е решено. Верувам дека ќе имаме напорен викенд и почетокот на следната недела пред да биде готов финалниот пакет“, изјави Симсон.
Девет земји-членки на ЕУ беа против ограничувањето на цените или имаа резерви во врска со предлогот.
Според Симсон, неколку министри побарале од ЕК да ги анализира можните ценовни ограничувања за гасот што ЕУ го увезува од други земји.
„Ако целта на нашата политика е да се спротивставиме на руската манипулација со испораката на гас за Европа, тогаш има смисла да се таргетира само рускиот гас“, рече Симсон.
Таа додаде дека ништо не е невозможно во оваа фаза и вети дека ќе се организираат посебни технички состаноци со земјите кои се особено зависни од рускиот гас.
Одговарајќи на прашањето што би направил Брисел доколку се воведе ограничување на цената на рускиот гас и Москва целосно ги запре испораките во ЕУ, таа рече дека никој не гарантира дека тоа ќе се случи.
Симсон рече дека ограничувањата на течниот природен гас (ЛНГ), кој ЕУ се обидува да го искористи за да го замени многу поевтиниот руски гас од гасоводот, може да ја загрози безбедноста на снабдувањето.
Претходно истото мислење го искажа и шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која истакна дека доколку се воведат ограничувања на цената на ЛНГ, танкерите со него едноставно можат да се свртат и да се упатат во спротивна насока од Европа.
Чешкиот министер за индустрија и трговија, Јозеф Сикела, на истата прес-конференција рече дека горната цена на гасот „беше најтешкиот случај“.
Тој изјави дека министрите за енергетика на ЕУ и на ЕК мора брзо да работат и да најдат координирано решение за што поскоро намалување на високите цени на енергијата.