Коронавирус

Швеѓаните и без препораки почнаа масовно да купуваат маски

Само половина час пред главниот државен епидемиолог Андерс Тегнел, како и секој вторник и четврток, да ги објави најновите податоци за епидемијата на коронавирусот, шведскиот премиер Стефан Лофвен свика своја прес-конференција.

Фото: ЕПА

Тој не рече ништо посебно ново, освен што ги повика Швеѓаните да ги избегнуваат трговските центри на Црниот петок, но испрати порака дека повеќе нема пасивно да ги следи Тегнел и Институтот за јавно здравје, туку самиот ќе стане знаменосецот во борбата против пандемијата.

Бидејќи ситуацијата не е оптимистичка и епидемиолошките мерки сè уште се релативно благи (јавните собири се ограничени на осум лица, но не и приватните и деловните), многу Швеѓани решија да отидат чекор подалеку од националните препораки за јавно здравје и да се вооружат со маски.

Еден синџир на приватни аптеки соопшти дека минатата недела продал 700.000 маски, или девет пати повеќе отколку во која било недела во октомври. Државните аптеки, кои имаат најголем удел на пазарот во Шведска, продавале околу 100.000 маски годишно пред пандемијата, а само во првите десет месеци од 2020 година продале скоро пет милиони маски.

Дека загриженоста расте покажува и редовната анкета на дневниот весник Дагенс Нихетер и Ипсос, која открива дека 82 проценти од Швеѓаните се загрижени дека здравствениот систем ќе се преоптовари. Иако популарноста донекаде му опадна, Тегнел сепак го поддржуваат 65 проценти од испитаниците (72 проценти во октомври), а 44 проценти од Швеѓаните веруваат дека јавните здравствени власти не прават доволно за борба против епидемијата.

 

Секој ден Швеѓаните имаат околу 30 мртви

Во четвртокот Шведска имаше вкупно 6.622 смртни случаи од ковид-19 и вкупно 236.355 заразени од почетокот на пандемијата. Дневниот рекорд беше постигнат на 19 ноември, кога беа евидентирани 7.629 новоинфицирани лица, а просечно се откриваа нешто повеќе од 4.000 позитивни луѓе дневно. Минатата недела беа спроведени рекордни 267.000 теста. Во последниве недели, секој ден во Шведска умираат околу 30 лица заразени со коронавирусот. Иако растот на бројката на новозаразени лица забавува во последните десет дена, Тегнел предупредува дека тоа уште најмалку три недели нема да се одрази на бројот на пациентите со коронавирус во болниците и на стапката на смртност.

Во моментов има 211 пациенти на интензивна нега, а вкупно 1.940 лица со коронавирус во болниците. Бројот на болничките кревети и респираторите во моментов не претставува проблем во Шведска бидејќи третина од капацитетот сè уште е празна, но може да има недостиг од квалификуван медицински персонал. Затоа многу региони одлучија дополнително да ги наградат здравствените работници. Така, регионот Халанд во декември ќе распредели дополнителни 500 евра за сите оние што работеле во болничкиот систем најмалку три месеци годинава. Станува збор за околу 8.000 вработени.

Сепак, шведската јавност последните денови не се занимаваше со статистички податоци за епидемијата, туку со загрижувачкиот извештај на Инспекторатот за здравство и социјална помош (ИВО), кој откри „сериозни недостатоци во медицинската нега во домовите на старите лица за време на пандемијата“ во сите региони, од март до јуни. Уште во текот на летото ИВО изврши инспекции во сите 1.700 шведски домови за стари и изнемоштени лица и кај 98 од нив откри недостатоци, што доведе до длабинска ревизија.

Имено, се покажа дека една петтина од сите штитеници заразени со коронавирусот во овие 98 домови не добиле индивидуална медицинска процена на нивната здравствена состојба, туку за нив се грижеле медицински сестри (кои во Шведска генерално имаат високо образование) или медицински необразован персонал што ги следел однапред утврдените општи упатства.

Меѓу пациентите за кои индивидуално одлучувале лекари се работело претежно за процени од далечина, што во Шведска е дозволено, но само под услов лекарите веќе да се добро запознаени со пациентот и неговата историја на болести. Ваквата практика, сепак, е целосно неприфатлива кај пациенти што биле во терминална фаза од животот. Иако ИВО не даде коментар за ова, се поставува прашањето до кој степен недостатоците придонеле за нивна прерана смрт.

 

„Се работи за нечии мајки и татковци“

„Тука не станува збор само за бројки, туку за луѓе пред кои можеби стоел подолг или пократок живот. Станува збор за нечии мајки и татковци, кои доживеале длабока старост и кои се болни и чувствителни. Луѓето што живеат во домови имаат исто право на медицинска нега како и другите. Во такви ситуации не е прифатливо медицинските процени да се прават од далечина. Секој има право на квалитетен третман и нега. Дури и во време на криза“, рече директорката на ИВО, Софија Валстром, додавајќи дека на регионите им е даден рок до 15 јануари за да ги поправат недостатоците или да пријават што имаат намера да направат за да ги поправат.

Шведска има околу 500.000 граѓани постари од 80 години, од кои 85.440 живеат во домови за стари лица. Вкупно на ризични практики биле изложени неколку стотици постари лица на возраст од 85 до 95 години низ целата земја. За време на пролетниот бран на епидемијата, смртноста од ковид-19 во таквите домови беше исклучително висока. До денес, 2.400 луѓе со коронавирус постари од 80 години починаа во домовите за стари лица.

Опозициските партии го искористија извештајот на ИВО за да ја обвинат социјалдемократската влада за лошо раководење со кризата, а владејачката партија одговори дека виновниците за пропустите треба да се бараат во сопствените редови бидејќи за здравствената и социјалната грижа се одговорни регионите и општините, во кои често на власт е десницата, како во Стокхолм и Гетеборг.

За обемот на епидемијата во Шведска укажува и новиот извештај на Заводот за статистика, според кој оваа година просечниот животен век на жените паднал од 84,7 на 84,4 години, а на мажите од 81,3 на 80,8 години. Ова е најголемо намалување на годишно ниво од 1944 година. Но треба да се каже дека минатата година, поради невообичаено ниската вкупна смртност, очекуваниот животен век се зголемил за цели шест месеци. Заводот за статистика објави и дека Шведска во моментов бележи вишок смртност во споредба со очекуваните демографски трендови, односно починале 4.800 луѓе повеќе отколку што се очекувало.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе