Родителите на децата ја поздравија одлуката на кралот

Шведскиот крал Карл Густаф го укина кралскиот статус за пет внуци

Шведскиот крал Карл Густаф го намали бројот на членови на семејството кои ќе добиваат пари од средствата добиени од даночните обврзници со одлуката да се укине статусот на кралското височество за пет негови внуци.

Имено, кралските внуци ќе ги задржат титулите принц или принцеза, или војвода или војвотка, но нема да извршуваат кралски должности.

Одлуката значи дека внуците на Карл Густаф, на возраст од една до пет години, веќе нема да примаат годишен „џепарлак“, апанажа што им се исплаќа на членовите на кралското семејство од буџетот.

Одлуката не се однесува на двете деца на шведската престолонаследничка, принцезата Викторија, на принцезата Естеле и нејзиниот помал брат, принцот Оскар.

Шведската кралска палата објави дека децата на принцезата Маделин (37) и нејзиниот сопруг Крис О’Нил и децата на принцот Карл Филип (40) и принцезата Софија нема да можат да извршуваат службени должности. Тоа се принцезата Леонора (5), принцот Николас (4) и принцезата Адриен (1), како и принцот Александар (3) и принцот Габриел (2).

Родителите на петте деца исклучени од кралските должности, принцот Карл Филип и неговата сопруга принцезата Софија, како и принцезата Маделин и нејзиниот сопруг Кристофер О’Нил на социјалните медиуми ја поздравија одлуката на кралот.

Принцезата Маделин на Инстаграм напиша дека ваквата промена „на децата им дава можност да го обликуваат животот како приватни лица“. Нејзиниот брат, принцот Карл Филип, на истата социјална мрежа напиша дека неговите деца сега имаат можност „да прават слободни избори во животот“.

Маделин во моментот живее во Мајами и работи во Светската фондација за зачувување на детството, основана од нејзината мајка, кралицата Силвија, а принцот Карл Филип и неговата сопруга Софија ќе продолжат да работат во своите добротворни фондации.

Во 1980 година, шведското кралско семејство за прв пат ги измени правилата за наследство според кои наследникот на престолот е првороденото дете, без оглед на полот.

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе