Шведска студија на антитела покажа дека е долг патот до колективен имунитет

Шведска студија открила дека до крајот на април само 7,3 проценти од жителите на Стокхолм развиле антитела на коронавирус, што може да ги зголеми стравувањата дека одлуката на Шведска да не се затвори заради коронавирусот нема толку брзо да доведе до колективен имунитет.

Фото: ЕПА

Стратегијата била поддржана од главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, чија препорака за доброволни мерки против ширењето на вирусот, наспроти задолжителните мерки и карантин какви што беа воведени во многу други земји, наметна поделено мислење и дома и во странство.

Така во Шведска повеќето училишта, ресторани, кафулиња и бизниси останаа отворени, дури и додека поголемиот дел од Европа беше затворен. Бројот на починати од ковид-19 е многу поголем во Шведска отколку во другите нордиски земји, иако понизок отколку во земјите како Велика Британија, Италија и Франција.

Бројот на пациенти на интензивна нега во Шведска опадна за третина откако на крајот на април го имаше својот врв, а здравствените власти тврдат дека епидемијата успорува. Но, Шведска во последните седум дена забележа најголем број смртни случаи по глава на жител во Европа.

Студијата за антитела се обиде да утврди дали постои потенцијал за колективен имунитет, или дали доволен број во популацијата развил имунитет, со што заразата ќе престане да се шири.

Шведската здравствена агенција во средата соопшти дека резултатите од студијата се совпаѓаат со нивните модели дека скоро третина од Стокхолм е заразен, објаснувајќи дека студијата е спроведена пред многу време и дека болеста во меѓувреме се проширила.

„Тоа е малку помалку (од очекуваното), но не премногу, можеби за еден до два процентни бода“, рече Тегнел на прес-конференција во Стокхолм, пренесе Ројтерс.

Сепак, концептот на колективен имунитет сè уште не е тестиран во случај на коронавирус и не се знае колку трае имунитетот од инфекцијата кај оздравените пациенти.

Истражувањето е спроведено врз основа на 1.100 тестови од цела Шведска, а објавени се само бројките за главниот град.

Иако здравствената агенција истакна дека колективниот имунитет не е сам по себе цел, туку дека целта на стратегијата е да се забави ширењето на вирусот за да не се преплави здравствениот систем, не и целосно да се сузбие.

Шведските експерти тврдат дека земјите кои вовеле целосен карантин за да се спречи изложеноста на вирусот, се изложени на ризик од повторна појава на заразата.

Светската здравствена организација ги предупреди државите да не се потпираат на создавање колективен имунитет или „имунитет на стадо“. Според светските истражувања од минатата недела антитела се пронајдени само кај 1-10 проценти од населението, што се совпаѓа со неодамнешните резултати во Шпанија и Франција.

Меѓу критичарите на пристапот на својата држава е Бјорн Олсен, професор по заразни болести на универзитетот во Упсала, кој смета дека концептот за колективен имунитет е „опасен и нереален“ во случај на ковид-19.

„Мислам дека имунитетот на стадо е далеку од нас, ако некогаш и го постигнеме“, рече тој за Ројтерс откако беа објавени резултатите од истражувањето.

Во Шведска во моментот се заразени над 30.000 луѓе, а 3.831 починале, трипати повеќе од вкупните смртни случаи во Данска, Норвешка, Финска и Исланд.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе