Шведска се подготвува за првиот карантин во пандемијата

Шведскиот пристап во борбата против пандемијата на коронавирусот предизвика пофалби, но и жестоки критики, не само во рамките на оваа скандинавска земја, туку и низ целиот западен свет. Оваа земја досега се противеше на карантините, за разлика од остатокот од Европа, дури и за време на пикот на вториот бран на Божиќ.

Фото: ЕПА

Шведскиот премиер Стефан Левен рече дека сега постои „висок ризик“ од нов скок на заразите со коронавирусот, што потенцијално го оправдува првиот карантин во земјата откако почна пандемијата пред скоро една година, пренесува Блумберг.

„Повторно гледаме зголемување на случаите, мора да воведеме нови мерки“, рече Левен на брифингот со новинарите во средата.

„Доколку ситуацијата се влоши, владата е подготвена да воведе карантин во делови на Шведска. Сепак, се надевам дека нема да биде потребно“.

Шведска стана земјата што сите ја споменуваат, и оние што сакаат построги мерки, но и оние што се против. За некои, нивната значително поголема смртност од коронавирусот во споредба со нивните соседи е доказ дека карантинот е неопходен за да се спречи ширењето на вирусот. За други, таа е показател за отвореноста на шведското општество и сметаат дека покажува дека е можен „балансиран“ пристап кон пандемијата.

Сега, една година по почетокот на пандемијата, и со воведување на вакцините во блиска иднина, нивната стратегија продолжува да привлекува внимание.

Критичарите на лесниот пристап кон целата борба против пандемијата, како што е Стефан Хансон, шведски експерт за заразни болести, сметаат дека толку високата стапка на смртност во Шведска е доказ за неуспехот на целата стратегија.

„Главниот проблем е што нема јасни планови. Уште од почетокот, тие никогаш не постоеја. Обично кога водите проект за јавно здравје имате јасни цели и стратегии, имате некакви цели и следење, постои систем за надзор за да видите како стојат работите. Но во случајот на Шведска, немаше ништо слично “, изјави тој за Еј-би-си њуз.

Во април 2020 година Хансон беше потписник на писмото од неколку шведски научници што го критикуваа пристапот кон пандемијата, за кој рекоа дека ќе предизвика многу непотребни смртни случаи.

За време на вториот бран на пандемијата, околу божиќните празници, се случуваше одделите за интензивна нега во Стокхолм да останат без кревети. Земјата и тогаш му одолеа на карантинот, а беше единствената земја во Европа што не го воведе.

Шведскиот крал Карл XVI Густав ѝ се обрати на нацијата во декември кога истакна дека неговата земја потфрлила во пристапот кон пандемијата.

Стратегијата, предводена од шведскиот епидемиолог Андерс Тегнел, беше жестоко критикувана не само во Шведска, туку и во странство. Лажниот оптимизам дека Стокхолм до есента ќе го добие имунитетот на стадо ги предизвика тие критики.

Критичарите истакнаа дека изложувањето на вирусот претставува непотребен ризик. Дури и покрај толку многуте податоци поврзани со ковид-19, поборниците на оваа политика велат дека читањето на податоците е прашање на перспектива.

Иако сè уште бележат полоши резултати од другите нордиски земји според податоците на Евростат, официјалната агенција за статистика на ЕУ и Универзитетот во Оксфорд покажуваат дека Шведска лани забележала 7,9 проценти прекумерни смртни случаи во споредба со 2016 година, но и во 2019 година, според независните здравствени податоци од страницата Дагенс медицин.

Ова значи дека оваа земја има 23-ти најнизок годишен процент на прекумерни смртни случаи од 30 европски земји - понизок од Велика Британија, Франција и Шпанија. Шведска, исто така, има помал број смртни случаи на милион жители од оние земји што беа под строг карантин за време на пандемијата.

„Има понови податоци што покажуваат дека Шведска, ако ја сметате повисоката стапка на смртност, е една од најдобрите во Европа. А една од причините, се разбира, е тоа што не добивме грип, туку само обичната настинка, затоа што ги миеме рацете. Имаме социјално дистанцирање. Немавме толку многу сообраќајни несреќи. Знаете, оваа година не се случи ништо од другите работи што нѐ погодуваат“, рече Нилс Карлсон, економист и политиколог, пренесува Еј-би-си њуз.

Тој посочи дека шведската стратегија ги зема предвид не само економските фактори, туку и сите аспекти на јавниот живот.

„Мора да го одржувате општеството отворено не само од економски причини, туку и поради болниците, училиштата итн.“, додаде тој.

Криза во домовите за стари лица

Сепак, една од областите каде што е постигнат консензус е шведскиот сектор за стари лица, каде што кризата зеде страшен данок.

Жителите во домовите за нега сочинуваат половина од починатите во земјата, а дополнителна четвртина од случаите се забележани кај оние над 70 што негата ја добиваат дома.

Шведската влада воведе повеќе заштитна опрема и тестирање, како и другите земји, и ги ограничи посетите на домовите за стари лица.

„Откривме дека грижата за старите лица била недоволна и лошо опремена кога почна пандемијата и дека тоа беа вкоренети недостатоци што беа познати многу пред појавата на вирусот“, се вели во извештајот.

Сепак, смртните случаи во домовите на старите лица ги мачеа и земјите што воведоа блокади и презедоа мерки за заштита на корисниците на домовите.

Избегнување карантин

Општо земено, Шведска ги затвори своите меѓународни граници, меѓу кои и онаа кон соседна Норвешка, но му дозволи на општеството да остане отворено. Иако постојат ограничувања за максималниот број луѓе на друштвените собири, тие доаѓаат во форма на препораки, наместо строги закони и казни.

Употребата на маски во транспортот формално беше препорачана дури во декември. Општо, стратегијата, замислена делумно како холистички пристап што е вклучен во промените предизвикани од пандемијата во целото општество, остана непроменета, посочува Карлсон.

Иако земјата не се ни приближи до постигнувањето имунитет на стадо, кој здравствениот магазин „Лансет“ го опиша како нивна де факто цел за останувањето отворени, понискиот прекумерен морталитет, психолошкиот товар и економските резултати значат дека оваа политика може да преживее уште еден бран на зарази, кои последниве недели пораснаа.

Стокхолм, на пример, има имунитет од околу 15%, но новите варијанти уште повеќе ја отежнаа задачата.

Минатогодишниот политички консензус за нивната стратегија е нарушен, вели Карлсон, а опозициските партии сега бараат карантини како оние во другите земји.

„Се обидовме на различни начини да се адаптираме, во зависност од нашата култура и нашата историја, и да ги намалиме последиците од оваа страшна болест“, рече Карлсон.

„Но мислам дека Шведска сè направи како што треба. Мислам дека не е толку лошо како што изгледа кога ќе ја погледнете стапката на смртност, која е преголема, се разбира“, додаде тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе