„На Швајцарија поважна ѝ е штедливоста од животот“

Швајцарија е во тешка ситуација, но не воведува мерки: „Нема карантин, нема паника“

Состојбата со заразата со коронавирус во Швајцарија е тешка. Во последните седум дена билa пријавенa 351 нова инфекција на 100.000 жители, а во Германија во истиот период имало помалку од 140 нови инфекции на 100.000. Од почетокот на пандемијата, 41 лице починало на 100.000 жители во Швајцарија, а во Германија 16. Швајцарија според тоа е на самиот врв во Европа.

EPA-EFE/LAURENT GILLIERON

Политиката, властите и општеството на сè реагираат опуштено. На многу места баровите, рестораните и кината сè уште се отворени, пазарите се преполни, казината, теретаните како и борделите се отворени.

На 1 октомври, сојузната влада ја укина одредбата дека на големи настани можат да присуствуваат максимум 1.000 гледачи. Во трговските центри низ целата земја започна пред-Божиќното пазарење. По тој повод, во еден трговски центар била организирана наградна игра, каде што стотици луѓе заедно се туркале во обид да дојдат до лоз.

„На Швајцарија поважна ѝ е штедливоста од животот“, гласел еден од насловите деновиве во американското списание „Форин полиси“. Автор е швајцарскиот историчар Џозеф де Век. Тој е згрозен од изјавата на министерот за финансии Уели Маурер, кој кажал дека Швајцарија не може да си дозволи втора блокада.

„Тој покажа дека за Швајцарија е сосема во ред да води расправа за тоа што е поважно, здравјето или парите“, изјави тој за телевизијата СРФ. Маурер останува на тоа. Во видео интервју за веб-страницата на неговата партија, десничарската Швајцарска народна партија СВП, на 10 ноември изјави дека научниците го гледаат само здравјето, но дека мора и пари да се заработуваат. Дека всушност кантоните мораат да дејствуваат. Федерализмот е многу важен во Швајцарија. Кантоните ги бранат своите надлежности со сите средства. Само на почетокот на корона-пандемијата биле многу воздржани.

Во пролетта, сојузната влада ги презема работите во свои раце и на четири недели ги затвори сите продавници, клубови и ресторани. Но, откако ситуацијата малку се подобри, кризниот штаб во јуни бил распуштен и одговорноста им е препуштена на кантоните.

Во октомври, бројките на нови инфекции експлодирале, и покрај неколкунеделните предупредувања од научниците. Десетици економисти на почетокот на ноември напишале отворено писмо: „Колку и да е тешко и колку и да е болно, на Швајцарија и треба втора блокада, поврзано со обемни фискални мерки за поддршка, за да се отстрани понатамошна штета предизвикана од корона-пандемијата“.

Во Женевскиот кантон, ситуацијата е речиси надвор од контрола со значително повеќе од 1.000 случаи на 100.000 жители. Толку лоша состојба немало во ниту еден друг регион во Европа.

На почетокот на ноември, кантоналната влада одговорила со мерки на затворање: сите продавници, сите услужни дејности и ресторани биле затворени. Резултатот е жителите на Женевскиот кантон делумно уште повеќе да се движат, како на пример да одат на фризер во соседниот кантон Ваадт. Другите кантони исто така вовеле рестриктивни мерки. Оваа недела градот Базел исто така ги затвора рестораните, баровите, кафулињата, спортските сали, лизгалиштата, базените и казината.

Сојузната здравствена установа останува опуштена. „Развојот ме прави претпазливо оптимистична, се чини дека трендот се менува“, изјави шефицата на здравствената установа Ана Леви за весникот „Сонтагсблик“. Инциденцата за седум дена се намали од повеќе од 450 на 100.000 жители (од 9 до 15 ноември) на околу 350 нови инфекции. Но, сметајќи на 14 дена, Швајцарија според бројот на нови инфекции е на врвот во Западна Европа, пред Италија, Велика Британија и Франција. А сепак Леви тврди: „Ние не сме значително полоши од другите европски земји“.

Дејвид Набаро, комесар на СЗО за ковид-19, со седиште во Женева, не може да поверува дека швајцарските власти се однесуваат на таков начин. „Ме изненадува тоа што ова не се третира како состојба на национална катастрофа“, рече тој за весникот на медиумската компанија ЦХ-Медиа.

Но, весникот Ное Цирхер Цајтунг зборува со почит за швајцарската стратегија. „Нема карантин, нема паника - Бундесратот (швајцарската влада) се држи присебно во корона-стресот“, пишува весникот во еден коментар. „Ако мнозинството од населението е опуштено како Бундесратот, тогаш сè добро ќе заврши“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/LAURENT GILLIERON

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе