Москва тајмс

Што знаеме досега за руската вакцина против коронавирусот, „прва во светот“

Русија стана првата земја што одобри вакцина против коронавирусот, рече денеска претседателот Владимир Путин и покрај масовната загриженост за нејзината безбедност, вели Москва тајмс.

Русија, која е на четвртото место во светот по бројот на заразени со коронавирусот, е една од неколкуте држави што се натпреваруваат да развијат вакцина за запирање на болеста од која починаа повеќе од 740.000 луѓе и која ѝ нанесе голем удар на светската економија.

Еве што знаеме досега за руската вакцина, наречена „Спутник V“, по првиот лансиран вселенски сателит во светот од страна на Советскиот Сојуз во 1957 година, што ја покрена вселенската трка.

 

Кој ја направи?

- Државниот истражувачки институт Гамалеја во Москва во соработка со руското Министерство за одбрана и Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ).

- РДИФ и неговите партнери инвестираа 4 милијарди рубли (550.000 американски долари) во проектот.

- Вакцината помина две фази на испитувања во јуни и јули: во првата беа вклучени 38 цивили и 38 воени доброволци, а во втората беа вклучени 100 лица.

- Тестовите од третата фаза, во која учествуваат неколку илјади учесници, почнаа со денешната регистрација на вакцината. Ќе бидат спроведени и во неколку други земји, како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Филипините, според шефот на РДИФ, Кирил Дмитриев.

- Во списокот на Светската здравствена организација (СЗО) од 31 јули за оваа вакцина е наведено дека сè уште е во првата фаза.

 

Како функционира?

- Вакцината е таканаречена вакцина со вирусен вектор, што значи дека користи друг вирус за вбризгување мали делчиња од патогенот и поттикнување имунолошка реакција.

- Тоа е раствор базиран на аденовирусот, обичната настинка. Кинески Кансино развива слична технологија со својот прототип за вакцина против коронавирусот.

 

Кој досега се вакцинирал со неа?

- Шефот на Гамалеја, Александар Гинтсбург, и научниците на институтот ја примиле вакцината. Експертите го критикуваа нивниот потег како невообичаен и избрзан почеток на испитувања врз луѓе.

- Шефот на РДИФ Дмитриев рече дека и тој и неговото семејство ја примиле вакцината.

- Путин денеска рече дека една од неговите ќерки, чиј идентитет тој до денес ниту го потврди ниту го негираше, веќе ја примила вакцината. Тој рече дека единствениот несакан ефект што таа го доживеала е висока температура од 38 степени во текот на еден ден.

- „Неколку стотици“ членови на политичката и деловната елита на Русија можеби уште во април биле инокулирани со експерименталната вакцина, објави Блумберг во јули. Некои учесници рекоа дека доживеале треска и болки во мускулите по примањето на вакцината, додека еден неименуван висок функционер рекол дека нема никакви несакани ефекти.

 

Дали е безбедна?

- Нејзините развивачи ја фалат вакцината како безбедна, а Путин денеска рече дека е „доста ефикасна“ и „дава одржлив имунитет“, опишувајќи ја реакцијата на неговата ќерка на инјекцијата.

- Научниците на Западот изразија загриженост поради брзината на развој на руските вакцини, посочувајќи дека истражувачите би можеле да прескокнуваат важни процеси под притисок на властите за испорака на вакцината.

- Некои руски виролози, вели Москва тајмс, исто така предупредија дека вакцината може да биде опасна за луѓето што имаат антитела против вирусот.

- Светската здравствена организација минатата недела ја повика Русија да ги следи утврдените упатства и да помине „низ сите фази“ неопходни за развој на безбедна вакцина. Денеска СЗО рече дека за да се одобри некој кандидат за вакцина, ќе биде потребна строга проверка на безбедноста на тестните податоци.

- Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко изјави дека клиничките испитувања со неколку илјади учесници ќе продолжат.

 

Кога ќе биде достапна за јавноста?

- Сертификатот за регистрација на веб-страницата на Министерството за здравство на Русија вели дека вакцината ќе стане достапна за обичниот граѓанин на 1 јануари 2021 година.

- Татјана Голикова, вицепремиерка задолжена за здравствени прашања, рече дека властите се надеваат дека вакцинациите на медицинските работници може да почнат кон крајот на август или почетокот на септември.

- Шефот на РДИФ, Дмитриев, рече дека масовната кампања за вакцинирање ќе почне кај волонтери во Русија во октомври, еден месец откако се очекува да почне индустриското производство. Дваесет земји веќе имаат нарачано повеќе од 1 милијарда дози, рече тој.

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе