„Ако Украина сака да опстане, треба да функционира како мост“

Што напиша Хенри Кисинџер во 2014 година за украинската криза

Ако Украина сака да опстане и да напредува, таа не смее да биде испостава ниту на Западот ниту на Истокот - таа треба да функционира како мост меѓу нив, напиша Кисинџер во 2014 година.

Фото: ЕПА

На 5 март во 2014 година американскиот политичар и дипломат Хенри Кисинџер напиша статија за Вашингтон пост за украинската криза.

„За да ја решите украинската криза, почнете од крајот.

Целата јавна дискусија за Украина е за конфронтација. Но дали знаеме каде одиме? Јас сум видел четири војни во мојот живот што почнаа со голем ентузијазам и јавна поддршка, а за ниедна не знаевме како да ја завршиме и од кои еднострано се повлековме во три. Тестот на политиката е како таа завршува, а не како почнува.

Пречесто украинското прашање се поставува како пресметка: дали Украина ќе му се приклучи на Истокот или на Западот? Но ако Украина сака да опстане и да напредува, таа не смее да биде испостава на ниедна страна против онаа другата - таа треба да функционира како мост меѓу нив.

Русија мора да прифати дека обидот да се принуди Украина да добие статус на сателит, и со тоа повторно да ги помести руските граници, ќе ја осуди Москва на тоа да ја повтори сопствената историја на самоисполнети циклуси на реципрочни притисоци со Европа и Соединетите Држави.

Западот мора да разбере дека за Русија Украина никогаш не може да биде само странска земја. Руската историја почна во она што се нарекуваше Киевска Русија. Оттаму се проширила руската религија. Украина со векови била дел од Русија, а нивните истории и пред тоа се испреплетувале. Некои од најважните битки за руската слобода, почнувајќи со битката кај Полтава во 1709 година, се воделе на украинска територија. Црноморската флота, средството на Русија за проектирање на моќта во Медитеранот, се засновува на долгорочен закуп во Севастопол, на Крим. Дури и познатите дисиденти, како Александар Солженицин и Јосиф Бродски, инсистирале на тоа дека Украина е составен дел од руската историја и, реално, од Русија.

Европската Унија мора да признае дека нејзината бирократска тромост и потчинетоста на стратегискиот елемент кон внатрешната политика во преговорите за односите на Украина со Европа придонесоа преговорите да се претворат во криза. Надворешната политика е уметност на утврдување приоритети.

Украинците се одлучувачки елемент. Тие живеат во земја со сложена историја и повеќејазичен состав. Западниот дел беше вклучен во Советскиот Сојуз во 1939 година, кога Сталин и Хитлер го поделија пленот. Крим, чии 60 отсто од населението се Руси, стана дел од Украина дури во 1954 година, кога Никита Хрушчов, роден Украинец, ѝ го подари како дел од прославата на 300-годишнината од рускиот договор со Козаците. Западот е претежно католички, на истокот главно се руски православци. Западот зборува украински, истокот главно зборува руски. Секој обид на едно крило на Украина да доминира над другото, како што беше шемата, на крај би довело до граѓанска војна или распад. Децениското третирање на Украина како дел за судир меѓу Истокот и Западот би ја уништило секоја перспектива за внесување на Русија и Западот, особено Русија и Европа, во системот на меѓународна соработка.

Украина е независна само 23 години, претходно уште од 14 век беше под некоја странска власт. Не е изненадувачки што нејзините лидери не ја стекнале вештината на постигнување компромис, а уште помалку онаа за историска перспектива. Политиката на Украина по стекнувањето независност јасно покажува дека коренот на проблемот лежи во напорите на украинските политичари да им ја наметнат својата волја на непослушните делови од земјата, прво од страна на едната, а потоа и на другата фракција. Тоа е суштината на конфликтот меѓу Виктор Јанукович и неговата главна политичка ривалка Јулија Тимошенко. Тие ги претставуваат двете крила на Украина и не сакаа да ја споделат власта. Една мудра политика на САД кон Украина би барала начин како двата дела на оваа земја да соработуваат меѓу себе. Треба да бараме помирување, а не доминација на некоја од фракциите.

Русија и Западот, а најмалку разните фракции во Украина, не постапија според овој принцип. Секој од нив ја влошуваше ситуацијата. Русија не би можела да наметне воено решение без да се изолира, во време кога многу нејзини граници веќе се несигурни. За Западот, демонизирањето на Владимир Путин не е политика, тоа е алиби за отсуството на политика.

Путин треба да сфати дека, и покрај неговите поплаки, политиката на воено наметнување ќе предизвика нова студена војна. Од своја страна, САД треба да избегнуваат да ја третираат Русија како отпадник кого трпеливо ќе го подучуваат на правилата на однесување што ги воспоставил Вашингтон. Путин е сериозен стратег – на премисите на руската историја. Разбирањето на вредностите и психологијата на Соединетите Држави не му е силна страна. Ниту разбирањето на руската историја и психологија не беше силна страна на креаторите на политиката во САД.

Лидерите на сите страни треба да се вратат на испитувањето какви треба да бидат резултатите, а не да се натпреваруваат во настапот.

Ова е мојата идеја за резултати што се компатибилни со вредностите и безбедносните интереси на сите страни:

1. Украина треба да има право слободно да го избира своето економско и политичко здружување, вклучително и во Европа.

2. Украина не треба да влезе во НАТО, е ставот што го зазедов пред седум години, кога ова последен пат искрсна.

3. Украина треба да биде слободна да формира каква било влада што е во согласност со изразената волја на нејзиниот народ. Некои мудри украински лидери тогаш би се одлучиле за политика на помирување меѓу различни делови од нивната земја. На меѓународно ниво, тие треба да заземат став што може да се спореди со оној во Финска. Таа нација не остава никаков сомнеж за својата жестока независност и соработува со Западот во повеќето области, но внимателно избегнува институционално непријателство кон Русија.

4. Неспоиво е со правилата на постоечкиот светски поредок Русија да го анектира Крим. Но би требало да биде можно односот меѓу Крим и Украина да се стави на помалку тешка основа. За таа цел, Русија би го признала суверенитетот на Украина над Крим. Украина треба да ја зајакне автономијата на Крим на избори одржани во присуство на меѓународни набљудувачи. Процесот би вклучувал отстранување на сите нејаснотии за статусот на Црноморската флота во Севастопол.

Ова се принципи, а не рецепти. Луѓето што го познаваат регионот ќе знаат дека нема секој да биде пријатен за сите страни. Овој тест не е за апсолутно задоволство, туку за избалансирано незадоволство. Доколку не се постигне решение засновано на овие или слични елементи, движењето кон конфликт ќе се забрза. Наскоро ќе дојде време за тоа“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе