Германскиот весник наведува дека станува збор за моделот „леопард 2А6“ и, цитирајќи неименувани извори, тие ќе дојдат директно од складиштата на Бундесверот.
Ќе биде испорачана една чета тенкови (се состои од три тенковски вода со по четири тенка во секој вод).
Покрај тоа, Берлин ќе им дозволи и на други држави кои ги поседуваат тие тенкови да ѝ ги испратат на Украина.
Шпигл наведува дека покрај Германија ваква одлука донеле низа сојузници во НАТО.
Германија располага со 212 тенкови „леопард“, вклучувајќи модели 2А5, 2А6, 2А7 и најсовремените 2А7Б од кои вкупно има 53, наведува германскиот весник, повикувајќи се на доверливи документи на Бундесверот.
Норвешкиот весник Дагенс нерингслив објави, повикувајќи се на свои извори, дека Норвешка би можела да донесе одлука за испорака на осум тенкови „леопард“, кои ги имаат нејзините оружени сили.
„Колку што ни е познато, постои веројатност Норвешка на Украина да ѝ испорача осум од 36 тенкови „леопард“ кои ги има војската. За кратко време владата ќе донесе одлука за купување нови тенкови“, наведува весникот.
Дванаесет земји се согласија да префрлат околу 100 германски тенкови „леопард“ во Украина ако германската влада го дозволи тоа.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак ја коментираше одлуката на Германија на Телеграм.
„Неколку стотици тенкови за нашите тенковски екипажи – најдобрите тенковски екипажи во светот. Ова ќе биде вистинска тупаница на демократијата против автократијата од мочуриштето“, напиша Јермак.