Мадридскиот градоначалник Хозе Луис Мартинез Алмеида минатата недела кажа дека штетата во главниот град на Шпанија изнесува речиси 1,4 милијарди евра и побара централната влада да го прогласи за зона на катастрофа. Таа денес тоа го направи по средбата на министрите. Со ова Мадрид би требало од државниот буџет да добие финансиска помош за обнова на материјалната штета која е најголема во парковите, каде дрвјата се масовно искршени.
За време на викендот на 8 и 9 јануари снег паѓаше 33 часа без прекин, а такви снежни бури во Мадрид не памтат ни најстарите жители. Покрај Мадрид силно беа погодени и соседната покраина Кастија и Леон во централна Шпанија. Зоните на катастрофа ги опфаќаат и Кастија ла Манча, Навара, Андалузија, Астурија, Арагон и Ла Риоха.
Транспортните камиони останаа заробени во снегот, исто како автомобилите. Во Мадрид беше прекинат целиот сообраќај освен подземната железница, а чистењето на снегот се одвиваше споро, иако снегот престана да паѓа пред десет дена, бидејќи градот не располага со голем број техника за чистење. Солта за топење на снегот и мразот беше довезувана со камиони од морето.
Градоначалникот на Мадрид денес гостувајќи на телевизијата Телесинко кажа дека од снегот и мразот се исчистени 92 отсто од улиците на главниот град. Од жителите побара поради мразот да не ги користат автомобилите па до утре на сила е бесплатно возење со градските автобуси. Камионите на комуналната служба допрва ги собираат преполните канти со ѓубре бидејќи претходно, поради улиците натрупани со снег, не можеа да им пристапат.
Од утре температурите во Шпанија би требало да почнат да растат, но се очекуваат дожд и ветер.