Шпанија ги продолжува мерките на ограничување, враќање во нормала за 2 месеци

Иако бројот на новозаразени со коронавирус во Шпанија денес порасна за 0,6 проценти, најниската дневна стапка од избувнувањето на пандемијата, премиерот Педро Санчез најави продолжување на вонредната состојба до 25 мај и порача дека земјата ќе се врати во „нова нормална состојба" кон крајот на јуни.

„Ќе побарам (од парламентот) продолжување на вонредната состојба за уште петнаесет дена за дефинитивно да можеме да преминеме во нова фаза“, рече Санчез во телевизиското обраќање по средбата со министрите.

Шпанија со 210.773 заразени жители е земја со најголем број заболени во Европа. На 14 март, владата воведе едни од најстрогите мерки на континентот, а вонредната состојба ја продолжи до 10 мај.

Околу 47 милиони жители веќе еден месец и половина се затворени во своите домови, така што ширењето на вирусот е забавено. За последните три дена, дневната стапка на новозаболени е под 1 процент.

Од неделата, на децата им е дозволено да излезат еден час во придружба на возрасно лице. Жителите смеат да излезат само по храна, во аптека, болница, киоск, банка, бензинска пумпа и да го прошетаат кучето пред зграда. На работа одат само оние со неопходни занимања како што се производство и дистрибуција на храна, електрична енергија и гас и работници во индустријата и градежништвото.

„Ова е исклучително заразен вирус, па ако сакаме што поскоро да се вратиме на слободните јавни простори, треба да се придржуваме кон утврдените мерки. Благодарение на овие мерки, дневното ширење на инфекцијата се намали од 35 проценти на сегашните 0,6 проценти“, рече Санчез.

„Во моментов размислуваме за ублажување на мерките. Тоа ќе се одвива постепено“, додаде тој. Ублажувањето на мерките ќе се спроведува со различна брзина во 17 автономни покраини, во зависност од ситуацијата во нив.

„Следниот викенд во цела Шпанија ќе биде дозволен излез за индивидуална физичка активност и прошетка (на еден час)“, најави премиерот. Владата има намера укинувањето на мерките да го спроведе во четири фази, од кои секоја би траела околу две недели.

Шпанија на 4 мај и понатаму ќе биде во почетна нулта фаза, а некои канарски и балеарски острови поради малиот број заразени лица би можеле да поминат во фаза 1, која вклучува отворање мали продавници под строга контрола и слободно движење на жителите, но според утврден распоред.

Во понеделник на 11 мај, цела Шпанија би можела да биде во таа фаза доколку биде одобрена од здравствената служба заснована врз податоците за заразата. Во текот на мај и јуни, Шпанија би требало да помине низ сите фази на ублажување на мерките.

„Кон крајот на јуни, ќе влезевме во нова нормала доколку епидемијата е под контрола“, рече Санчез.

Во вторник починаа 301 лице, што е намалување за 30 од претходниот ден, па вкупниот број жртви достигна 23.822. Најтешкиот ден беше на 2 април, кога во еден ден животот го загубија 950 пациенти, но од тогаш бројот на смртни случаи се намалува. Шпанија има најголеми жртви по САД и Италија.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе

Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.

повеќе