Тој го постигна тој договор со 17 автономни покраини, како што се Мадрид и Каталонија, кои самостојно ги спроведуваат рестриктивните мерки. Во Шпанија на Бадник, Божиќ и Нова година семејствата традиционално се собираат, вклучително и баби и дедовци и роднини од далечни делови на земјата. Меѓусебното дарување се одвива на 6 јануари, на Свети три кралеви.
Иако патувањата меѓу сите 17 покраини во моментов се забранети, без оправдана причина како што е одење на работа, од 23 декември до 6 јануари, ќе бидaт дозволени посети на роднини и блиски лица.
И покрај ова, владата апелира до 47 милиони жители да останат во своите домови и да не одат во посети.
„Сите треба да останеме во своите домови“, рече Ила на прес-конференција во Мадрид.
Тој не рече дали и како полицијата ќе ги проверува патниците при преминување на покраините. Повремените патни патроли сега бараат од патниците потврда за причината за преминување од покраина во покраина.
Полицискиот час, кој сега е во сила по 23 часот, во повеќето покраини ќе биде преместен во 01:30 часот ноќта на Бадник, 24 декември и на Нова година, 31 јануари. Целта е да се продолжи да се спречуваат улични собири и дружења и со тоа да се запре ширењето на вирусот. Секоја покраина сама ќе одлучи за времето на забрана за останување на улица, а исто така може да ги засили и другите мерки.
„Целта е да останеме здрави за да можеме да славиме уште многупати Божиќ во иднина, а тоа ќе зависи од секој од нас“, рече Каролина Даријас, министерка за територијална политика, на прес-конференцијата заедно со Салвадор Ила. „Најубавиот подарок ќе биде да се грижиме за себе и да се грижиме за другите луѓе. Најдобар подарок ќе биде дарот на животот“, забележа таа.
Дополнително 9.931 лице е заразено во Шпанија во средата, со што вкупниот број на заразени е над 1,6 милиони од март досега. Во исто време починале 223 жители, а од почетокот на пандемијата 45.784 лица.