Шолц прв ѝ честиташе на Трас, нејзината победа ја коментираше и Песков

Германскиот канцелар Олаф Шолц е првиот странски лидер кој ѝ честиташе на новата британска премиерка Лиз Трас, а нејзиниот претходник Борис Џонсон ги повика сите конзервативци да застанат зад неа „сто проценти", додека Москва не се надева на нешто позитивно, пренесуваат агенциите.

Фото: ЕПА

Трас беше избрана во понеделникот за нова британска премиерка кој ќе го наследи Џонсон, објави Конзервативната партија, при што новата премиерка вети намалување на даноците, раст на економијата и борба против енергетската криза, која тешко ги погоди британските домаќинства.

Германскиот канцелар рече дека со нетрпение чека да работи со Трас „во овие тешки времиња“. „Велика Британија и Германија ќе продолжат со блиската соработка, како партнери и како пријатели“, напиша Шолц на Твитер.

Трас планира прво да се справи со прашањата како што се нееднаквоста во развиеноста на регионите и зголемените животни трошоци и сака да ја обедини конзервативната партија, напиша Џонсон на Твитер.

„Честитки до Трас за нејзината одлучна победа“, напиша тој.

„Знам дека нејзиниот план сега е да се справи со зголемените животни трошоци, да ја обедини нашата партија и да продолжи со големата работа за обединување и подобрување на нашата земја. Сега е време сите конзервативци да застанат зад неа 100 посто“, рече тој.

Сличен повик за единство упати и Риши Сунак, кој денес ја загуби битката со Трас за премиерската функција.

„Правилно е сега да се обединиме и да застанеме зад новата премиерка Лиз Трас додека ја води земјата низ овие тешки времиња“, напиша Сунак на Твитер.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази очекување дека Британија целосно ќе ги почитува сите аспекти на брегзит под водство на новата премиерка.

„ЕУ и Велика Британија се партнери. Заедно се соочуваме со многу предизвици, од климатските промени до руската инвазија на Украина. Се надевам на конструктивни односи со целосно почитување на договорите“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.

Во честитката на Твитер, ирскиот премиер Мајкл Мартин изрази подготвеност за соработка. „Подготвен сум да соработувам со вас во својство на премиер на нашата најблиска соседна земја, за важните прашања со кои се соочуваме заедно билатерално и глобално“, напиша тој.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го изрази своето задоволство од победата на Трас во обраќање до печатот.

„Веќе можам да кажам дека сум многу, многу задоволен бидејќи барем тоа ќе биде продолжение, а можеби и зајакнување, со оглед на она што (Трас) го најави, на британската политика, која досега беше де факто идентична со полската политика во поддршката на Украина во нејзината борба за независност, слобода, суверенитет и нашите европски вредности“, рече Моравјецки.

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во честитката до Лиз Трас наведе дека кога била шефица на британската дипломатија била колешка со која тој многу добро соработувал и била чесен партнер во преговорите.

Лидерката на национално-конзервативната политичка партија Италијански браќа Џорџија Мелони за која се предвидува дека наскоро ќе стане првата жена премиер на Италија, беше меѓу првите што ѝ честиташе на Трас.

„Честитки за Лиз Трас, новата лидерка на британските конзервативци и премиерка на ОК“, напиша Мелони.

Честитајќи ѝ на Трас за нејзината победа, индискиот премиер Нарендра Моди изрази уверување дека тоа ќе го зајакне партнерството меѓу двете земји.

„Честитки до Трас што е избрана за следен премиер. Уверен сум дека под ваше водство глобалното стратешко партнерство на Индија и Велика Британија дополнително ќе се зајакне“.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во изјавата пред да се потврди победата на Лиз Трас, воопшто не беше оптимист дека односите ќе се подобрат.

„Не би сакал да кажам дека работите ќе се влошат, бидејќи тешко е и да се замисли дека може да бидат полоши отколку што се. Но, за жал, ниту тоа не можеме да го исклучиме, со оглед дека кандидатите за функцијата британски премиер се натпреваруваа во антитурската реторика, во заканите за нови потези против нашата земја. Затоа не можам да се надевам на ништо позитивно“, рече Песков.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе