„Украина може да смета на нас дека ќе продолжиме да ѝ пружаме голема финансиска и хуманитарна помош, како и поддршка во вооружувањето се додека тоа е потребно“, изјави Шолц во интервјуто што денеска го објави германскиот магазин „Фокус“.
Германија е една од земјите кои најмногу ѝ помагаат на Украина. Ова исто така важи и за испораката на оружје, вклучувајќи самоодни хаубици и противракетни тенкови Гепард. Канцеларот ги спомна и ракетните фрлачи со повеќе цевки и системот за противвоздушна одбрана ИРИС-Т.
Шолц не сакаше да погодува колку долго ќе трае војната во Украина, но нагласи дека „Русија не смее да победи во војната“. Исто така, според него, не смее да има употреба на нуклеарно оружје, што јасно го кажа и меѓународната заедница.
На прашањето дали рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник, Шолц рече дека „војната во Украина ги крши сите правила на меѓународното право и Владимир Путин е одговорен за оваа војна“. „Таму беа извршени неверојатно сурови воени злосторства“, рече германскиот канцелар, додавајќи дека Германија ќе помогне во решавањето на злосторствата, ќе ги идентификува одговорните и ќе ги повика на одговорност.
Шолц оцени дека сегашната стратегија на Русија во војната не носи резултати. Обидот на руската војска да го скрши украинскиот дух на отпор со тешки ракетни напади очигледно е неуспешен, и покрај страшното уништување, додаде тој.
Руската надеж дека масовното движење на бегалците кои бегаат од Украина може да ја загрози поддршката на европските земји „исто така се покажува како грешка“, посочи канцеларот. Сепак, не е јасно какви заклучоци ќе извлече Русија од својот неуспех. „Во моментов, тоа не може со сигурност да се предвиди“, рече Шолц.