Шест палестински милитанти со помош на 'рѓосана лажица побегнаа од строго чуван израелски затвор (ВИДЕО)

Во тек е потера, а затворската служба вели дека бегалците избегале преку дупка под нивната ќелија.

Фото: скриншот

Израелските безбедносни сили почнаа масовна операција за пребарување во северен Израел и окупираниот Западен брег, откако шест палестински затвореници избегаа од еден од најбезбедните затвори во земјата користејќи 'рѓосана лажица во досега невидено бегство од затвор.

Шестемина, вклучувајќи пет члена на Исламски џихад и висок лидер од Бригадата на маченици на Ал Акса од бегалскиот камп Џенин, делеле ќелија во затворот Гилбоа и, наводно, својата патека за бегство ја изриле зад мијалникот.

Речиси и нема бегства на палестинските безбедносни затвореници што се наоѓаат во израелските затвори, а поради профилот на затворениците, израелскиот премиер Нафтали Бенет го опиша ова како „тежок инцидент“.

Иако прво се мислеше дека мажите избегале преку тунел, Кети Пери, комесарка на израелската затворска служба, рече дека бегалците искористиле недостаток во структурата на затворот, поради што се појавила дупка зад ѕидот.

„Од нашата првична истрага, се чини дека немало копање; поточно, плочата што го покриваше просторот била подигната од своето место“, рече Пери.

Омер Барлев, израелски министер за јавна безбедност, сугерираше дека мажите можеби веќе стигнале до Западниот брег откако бегството било откриено во три часот утрово.

„Имало многу прецизно планирање, многу детално, и затоа веројатно имало надворешна помош. Во моментов го испитуваме тоа. Ќе ги фатиме бегалците“.

На сликите објавени по бегството се гледа тесен јаз во ѕидот што бил ископан зад мијалникот, што им овозможило да стигнат до дренажниот систем на затворот.

Дупката во подот се гледа на сликата што ја објави израелската затворска служба

Официјалните лица изјавија дека поставиле блокади на патиштата и вршат патроли во областа, додека 400-те други затвореници во затворот се преместени за да се спречат понатамошни обиди за бегство.

Се верува дека бегалците се упатиле кон Џенин, каде што меѓународно признаената Палестинска управа нема голема контрола и каде што милитантите во последните недели отворено се судираат со израелските сили. Утрово биле видени израелски хеликоптери како летаат над Џенин.

Според извештаите во израелските медиуми, затворениците неколку месеци го копале својот тунел користејќи лажица што ја чувале скриена зад постер во нивната ќелија.

Меѓу бегалците е 46-годишниот Закарија Зубеиди, кој е во притвор од 2019 година. Зубеиди беше лидер во Бригадата на мачениците на Ал Акса, поврзана со движењето Фатах, за време на второто палестинско востание пред повеќе од 20 години. Тој беше во затвор додека му се судеше за дваесетина кривични дела, вклучително и обид за убиство.

Четворица од другите затвореници отслужувале доживотна казна затвор.

Палестинските милитантни групи го пофалија бегството. „Ова е голем херојски чин, кој ќе предизвика сериозен шок за израелскиот безбедносен систем и ќе претставува тежок удар за армијата и за целиот систем во Израел“, рече Дауд Шехаб, портпарол на Исламски џихад.

Портпаролот на Хамас, Фавзи Бархум, рече дека бегството покажува „дека борбата за слобода со окупаторот продолжува, внатре во затворите и надвор за да се добие ова право“.

Затворот Гилбоа беше местото на неуспешниот обид за бегство во 2014 година, кога беше пронајден тунел што водеше од бањата, кога веројатно биле искористени истите структурни проблеми како и во последново бегство.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе