Во почетокот на состанокот на извршниот одбор на СЗО, Гебрејесус рече дека акутната фаза на пандемијата може да биде прекината оваа година доколку се постигнат некои клучни цели, наведувајќи дека тоа „мора да остане колективен приоритет“.
Тој рече дека крајот на глобалната вонредна состојба поради коронавирусот е можен оваа година, со остварување на целите како што се вакцинирање на 70 отсто од населението на секоја земја до средината на 2022 година, фокусирање на ранливите групи и подобрување на тестирањето и следењето на движењата на вирусот.
„Точно е дека во скора иднина ќе живееме со ковид и дека ќе мора да научиме да го контролираме преку одржлив и интегриран систем за акутни респираторни болести за да се подготвиме за идни пандемии. Но учењето да живееме со ковид не може да значи прифаќање на речиси 50.000 смртни случаи неделно од болести што може да се спречат и лекуваат“, рече Гебрејесус.
Тој апелираше да се зајакне СЗО и да се зголеми финансирањето на таа организација за поуспешна борба против здравствените кризи.