Шефот на една од најголемите авганистански банки: Пред колапс сме

Банкарскиот систем во Авганистан е близу до колапс, изјави за Би-би-си шефот на една од најголемите банки во земјата.

Фото: ЕПА

Извршниот директор на Исламската банка на Авганистан, Сајед Муса Калем Ал-Фалахи, рече дека финансиската индустрија во земјата е погодена од „егзистенцијална криза“, бидејќи клиентите се во паника.

„Во моментов се случува големо повлекување на пари“, рече тој, зборувајќи од Дубаи, каде што е привремено сместен поради хаосот во Кабул.

„Се случува само повлекување на пари, повеќето банки не функционираат и не даваат целосни услуги“, додаде тој.

Авганистанската економија беше на „разнишани нозе“ уште пред талибанците да ја преземат контролата во август. Околу 40% од нејзиниот бруто домашен производ доаѓа од меѓународна помош, според Светска банка.

Но, откако талибанците ја презедоа власта, Западот ги замрзна меѓународните фондови, вклучително и средствата кои Авганистан можеше да ги добие од Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), пишува Би-би-си.

Ал Фалахи вели дека ова ги охрабрува талибанците да бараат други извори на финансиска поддршка.

„Се насочуваат кон Кина и Русија, но и некои други земји“, рече тој. „Се чини дека порано или подоцна ќе бидат успешни во дијалогот“, додаде тој.

Кина веќе зборуваше за својата желба да помогне во обновата на Авганистан и да работи со талибанците.

Кинескиот весник Глобал тајмс неодамна објави „дека постои голем потенцијал за соработка во обновата на Авганистан“, додавајќи дека Кина е „дефинитивно водечки играч“.

Кина веќе вети помош од 200 милиони кинески јуани (31 милион долари), вклучително и снабдување со храна и вакцини против коронавирус.

Инфлацијата во Авганистан расте, а луѓето се очајни бидејќи многумина останале без работа и немаат готовина.

Светската програма за храна на Обединетите нации предупреди дека само 5% од домаќинствата во Авганистан имаат доволно храна секој ден, јави Би-би-си, а половина од испитаниците рекле дека снемале храна барем еднаш во последните две недели. Пристапот до меѓународните фондови и странската помош се клучни за опстанокот на Авганистан.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе