Шефот на ИАЕА Рафаел Маријано Гроси кажа дека е исклучително загрижен поради извештаите за гранатирањето на најголемата европска нуклеарна централа.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за нападите во кои се сериозно оштетени делови од објектот. Русија централата ја зазема во март, но во неа се задржани украинските вработени.
„Секое воено огнено дејствување насочено на постројката или од неа значи играње со оган, со потенцијално катастрофални последици“, кажа Гроси.
Украинските работници мора да имаат можност да ги извршуваат своите важни задачи „без закани и притисоци“, истакна тој додавајќи дека неговата агенција може да даде техничка поддршка.
„Со цел заштита на луѓето во Украина и на други места од потенцијална нуклеарна несреќа, сите мора да ги ставиме на страна нашите разлики и да дејствуваме. ИАЕА е спремна“, кажа Гроси неколку дена откако изјави дека централата е целосно надвор од контрола.
Операторот на централата во Запорожје кажа дека руски ракетни напади довеле до затворање на еден од реакторите, и дека постои опасност од истекување на радиоактивна материја, но без какви било докази.
Ден претходно руската управа на градот Енергодар објави дека електричните водови во нуклеарката Запорожје се прекинати со украинско гранатирање, но и тоа останува непотврдено.