„Сега е време да ги здружиме силите. Во овој свет што се менува, нашето партнерство ќе биде поважно од кога било за да ги заштитиме нашите граѓани, да ги обновиме нашите економии, да го прекинеме глобалното затоплување и да создадеме побезбеден свет“, рече Мишел во изјавата по денешниот телефонски разговор со Бајден.
Мишел додаде дека „ЕУ и САД секогаш ќе имаат поголемо влијание кога заедно ќе преземат чекори“.
ЕУ честопати се жалеше дека Трамп придонесува за влошување на односите меѓу двете страни и сега се надева дека трансатлантските врски може да бидат вратени на нивото од времето на администрацијата на Барак Обама, кога Бајден беше потпретседател на Соединетите Држави.
Брисел и Вашингтон во последните години се расправаа за најважните прашања, од трговијата и безбедноста до борбата против климатските промени.
Трамп најмногу ги разочара Европејците со воведувањето даноци за увоз на стоки од ЕУ и со напуштањето на Парискиот климатски договор и меѓународниот нуклеарен договор на големите сили со Иран.