САД

Сенатот и Врховниот суд различно кон построгата контрола на купувањето оружје

Законот за воведување построга контрола врз купувањето и поседувањето оружје во САД помина на гласање во Сенатот, истиот ден кога Врховниот суд ги прошири правата на оружје со пресудата дека Американците имаат уставно право да носат оружје на јавни места за самоодбрана, пренесува денеска Ројтерс.

Фото: ЕПА

Важната судска одлука и иницијатива на Сенатот за контрола на оружјето ги илустрираат длабоките поделби околу огненото оружје во Соединетите Држави, неколку недели по масовните престрелки во Јувалде, Тексас, и во Бафало, Њујорк, во кои загинаа повеќе од 30 луѓе, вклучително и 19 деца.

Предлог-законот во Сенатот, усвоен вчера со 65 гласа „за“ и 33 „против“, е првата значајна регулатива за контрола на оружјето што е усвоена во САД во последните три децении.

„Овој двопартиски закон ќе помогне да се заштитат Американците. Децата во училиштата и заедниците ќе бидат побезбедни поради него. Претставничкиот дом треба веднаш да гласа за овој закон и да ми го испрати на потврда“, изјави претседателот Џозеф Бајден по гласањето.

Предлог-законот го поддржаа 15 републиканци, и сите 50 демократи, и иако предлог-законот не ги содржи сите ограничувања што ги бараа демократите, како забрана за продажба на автоматско оружје, договорот со републиканците за ова прашање е историски.

Претставничкиот дом, кој има мнозинство демократи, го поздрави законот и во соопштение рече дека тој ќе биде разгледан денеска, а дека гласањето ќе следи што е можно поскоро.

Републиканците од Претставничкиот дом најавија дека нема да гласаат за предлогот, но нивната поддршка не е потребна за усвојување на законот.

Закон што вчера го усвои Сенатот предвидува потемелни безбедносни проверки за купувачите на оружје помлади од 21 година, построги услови за трговците со оружје и повеќе пари за федералните држави и локалните власти за подобрување на безбедноста на училиштата и лекување на проблеми со менталното здравје.

Истиот ден, Врховниот суд на Соединетите Американски Држави за прв пат објави дека Уставот го штити правото на поединецот да носи пиштол на јавно место за самоодбрана, давајќи им значајна победа на застапниците на правото на носење оружје.

Пресудата 6-3, со мнозински конзервативни судии и малцински либерални судии што не се согласуваа со одлуката, ги укина ограничувањата на сојузната држава Њујорк за носење скриен пиштол надвор од куќата.

Судот утврди дека законот, донесен во 1913 година, го нарушува правото на лицето да „држи и носи оружје“ според Вториот амандман на американскиот устав, пренесува Ројтерс.

„Пресудата е спротивна на здравиот разум и Уставот и треба длабоко да нѐ вознемири сите. Во светлината на ужасните напади во Бафало и Јуваледе, како и секојдневните инциденти на оружено насилство што не завршуваат на насловните страници, ние како општество мора да направиме повеќе, а не помалку, за да ги заштитиме нашите сограѓани“, кажа Бајден.

Стотици луѓе се убиени во десетици масовни престрелки во САД во последните години. Во претходните недели, 19 ученици и двајца наставници беа убиени на 24 мај во основно училиште во Јувалде, Тексас, а 10 лица беа убиени на 14 мај во продавница во Бафало, Њујорк.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе