Според двајца нобеловци

Себичноста на богатиот свет во пандемијата нема да се заборави

Тоа што богатите земји не споделуваа вакцини и финансиска помош со посиромашните за време на пандемијата ќе го влоши зголемувањето на глобалната сиромаштија и може да им се врати како бумеранг, велат економистите добитници на Нобеловата награда Естер Дуфло и Абхиџит Банерџи за Аксиос.

Фото: ЕПА

Дуфло отпрвин верувала дека пандемијата ќе произведе „покооперативен светски поредок“, бидејќи богатите земји се чувствуваа принудени да покажат солидарност со светот во развој, потенцијално добра основа за идна соработка за прашања како климатските промени. Сега таа се плаши од спротивното.

Додека се приближува клучниот самит за климата ЦОП26 и „богатиот свет толку брилијантно покажа дека не му е гајле за ништо друго освен за себе“, вели Дуфло, „можеме да замислиме дека и земјата во развој нема да биде многу заинтересирана да го оствари својот дел“.

„Се насобра мошне значајно незадоволство“, додава Банерџи, мислејќи на складирањето вакцини од страна на богатите земји. „Ми се чини дека ќе има пресметка. Не сум сигурен на крај во што ќе се претвори тоа“.

Дуфло и Банерџи - професори од МИТ познати по својата работа за сиромаштијата, а и брачна двојка - долго време се залагаа за чекори како директни трансфери на готовина што многу земји ги користеа за поддршка на сиромашните за време на пандемијата. Но тие забележуваат дека на посиромашните земји им се врзани рацете.

Неколку земји, вклучувајќи го и Того, развиле системи за мобилни плаќања за да вршат вакви трансфери, но немаат средства за целосно да ги искористат.

Богатите земји во просек потрошиле повеќе од 20% од БДП за финансиска поддршка за време на пандемијата, забележува Дуфло. Земјите во развој, кои работат под построги фискални ограничувања, менаџираа со само 2%.

Екстремната сиромаштија се зголеми низ целиот свет минатата година за прв пат од 1997 година, а дополнителни 120 милиони луѓе паднаа во екстремна сиромаштија, според процената на Светска банка.

ММФ оваа недела ги ревидираше своите проекции за раст за 2021 година, нагоре за богатите земји и надолу за земјите во развој. Ниските стапки на вакцинација ги намалија надежите дека економиите со ниски приходи ќе заздрават и дека зголемувањето на сиромаштијата брзо ќе престане.

Повеќето луѓе што западнаа во сиромаштија за време на пандемијата веќе беа во прилично несигурна положба, трошејќи ја својата неделна заработка во индустрии како градежништво, транспорт или земјоделство, вели Банерџи. За милиони, тој приход пресуши за време на пандемијата.

„Може да замислиме дека многу брзо ќе заживеат“, вели тој, додека таквите индустрии се враќаат во живот - но тоа нема да биде целосно можно без широко распространет пристап до вакцини. Во меѓувреме, земјите како Индонезија и Бангладеш сѐ уште мора да избираат помеѓу пикови во глад или во заразени.

Банерџи е особено загрижен за последиците од затворањето на училиштата, кое сега се случува веќе втора година. „Знаеме дека една година во училиште ја зголемува животната заработка за 7%“ и дека многу деца што ќе ја напуштат училницата на две години, никогаш нема да се вратат, вели тој.

Дуфло и Банерџи тврдат дека богатите земји сега имаат огромна можност да го прошират пристапот до вакцини и, со ниски каматни стапки и економски раст во подем, да ја зголемат својата помош за земјите во развој.

„Никој не зборува за проширување на помошта. Мислам дека психологијата, за жал, во богатите земји на некој начин - иако САД ќе пораснат побрзо оваа година отколку кога било во современата ера - е дека ние сме во тешка состојба и треба да ги чуваме ресурсите“, вели Банерџи.

„Сметам дека тоа е крајно депресивно, морам да кажам. Се чини дека таа реакција едноставно е злобна“.

Богатите земји, вклучително и САД, сега донираат дози, но тргнаа прилично претпазливо, додека купуваат дополнителни резерви за потенцијални трети дози дома.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе