Се сретнаа Ердоган и Путин, Турција ги разгневи САД со набавката на руско оружје (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со турскиот сојузник Реџеп Таип Ердоган за да ги продолжат договорите за набавката во рамки на противвоздушната одбрана која ги „налути“ Соединетите Држави.

Доказ за јакнењето на врските меѓу Русија и Турција е билатералната трговија која порасна за 15 отсто и достигна вредност од 25 милијарди долари, му кажа Путин на Ердоган во Кремљ.

Путин како пример го наведе гасоводот Турски тек преку кој се пренесува рускиот природен гас преку Црното Море до Турција и првата турска нуклеарна централа Акују, во чија изградба учествува Русија.

„Билатералната година на културата на Русија и Турција ќе почне вечерва“, кажа Путин.

Руските државни медиуми пренесоа дека Путин и Ердоган ќе присуствуваат на турска изведба на операта „Троја“ во престижниот руски театар Баљшој, со што ќе почне годината на културна размена.

Турските односи со Вашингтон стануваат сѐ потензични, а особено се влошија со турската набавка на напредниот руски ракетен систем С-400.

„Во нашите односи С-400 има посебно место“, кажа Ердоган минатата недела. „Испораката на системот С-400 ќе почне во јули“.

Путин за време на средбата го спомна и развивањето на одбранбената индустрија, но не го спомна директно С-400.

Соединетите Држави ѝ се заканија на Турција со санкции ако го продолжи договорот со Русија, а една од нив е и прекинување на испораката на најновите борбени авиони Ф-35.

Минатата недела американскиот потпретседател Мајк Пенс кажа дека Вашингтон „нема да стои на страна“ додека НАТО членка купува оружје од противникот.

Анкара веќе подолго време им замерува на САД за поддршката на курдските сили во соседна Сирија бидејќи Анкара смета дека тие сили се поврзани со курдските бунтовници кои се борат за автономија во Турција.

Сириските демократски сили предводени од Курдите минатиот месец прогласија територијална победа над Исламска држава во Сирија, отворајќи го со тоа патот за САД да почнат со повлекување на своите трупи.

Постои загриженост дека Турција може да ги нападне Курдите во моментот кога специјалните американски сили ќе се повлечат.

Путин и Ердоган веќе двапати се сретнаа оваа година во знак на јакнењето на односите. Двата состанока беа насочени на од војната разурнатата Сирија. Според турските проценки, поради тој конфликт над 3,6 милиони бегалци стигнале во Турција.

Москва и Анкара, кои поддржуваат спротивставени страни во конфликтот, минаа низ тензичен период во 2015 и 2016, откако турските сили урнаа руски воен авиони на сириската граница.

Сега соработуваат за намалување на тензиите во Идлиб, на сириската граница со Турција.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе