„Се регрутираат болни луѓе и инвалиди“ - против мобилизацијата се јавија и некои поддржувачи на Кремљ

Начинот на регрутирање на 300.000 руски резервисти наиде на критики и во самата Русија. За да се надополни војската, да се борат во Украина наводно се повикуваат и луѓе што се премногу стари или инвалиди, се побунија новинари од државната телевизија, некои руски пратеници, спикерот на Државната дума..., а уредничката на РТ ги повика луѓето на нејзиниот Телеграм-канал да ги пријавуваат контроверзните регрутации.

Фото: ЕПА

Против тоа е и гласноговорничката на Путин, уредничката на Раша тудеј Маргарита Симонјан. Во видео на руската државна телевизија РТ, Симонјан, заедно со уште еден поддржувач на Кремљ, водителот Владимир Соловјов, разговараа за регрутирање на луѓе на возраст од 60 години.

Симонјан налутено раскажа за голем број случаи кога меѓу новомобилизираните имало студенти, луѓе над возрасната граница, тешко болни, фризери, професорки, музичари и самохрана мајка со две мали деца.

„Тие ги разбеснуваат луѓето, како намерно, како од инает“, рече Симонјан за властите што стојат зад регрутацијата.

Соловјов спомена уште еден еклатантен случај во кој во Новосибирск бил мобилизиран тешко болен музичар, при што интервенирал сенаторот Александар Карелин. Регрутерот објаснил дека го повикал музичарот затоа што овој претходно се пожалил од него. Исто така, водителот раскажа и за случај кога на нови регрути им било поделено рѓосано автоматско оружје и налутено праша зошто се случило тоа.

Соловјов рече: „Добиваме панични повици на мојот телефон, на телефонот на Маргарита, што покажува дека голем број инволвирани луѓе заборавиле како да ја вршат својата работа“.

Симонјан рече дека познава многу луѓе со борбено искуство што воопшто не добиле покана за регрутација и прокоментира дека овие „мали нешта“ имаат големо влијание врз луѓето.

Таа, исто така, упати остри зборови до мајките што се обидуваат да ги заштитат своите деца од регрутацијата, нарекувајќи ги нивните напори срамни. Симонјан истакна: „Моите деца се мали, но ако ги родев во вистинското време, тие сега ќе беа на правата старосна граница“.

Соловјов огорчено го истакна расколот во руското општество: „Сега гледаме дека имаме две страни. Едната страна ја испраќаат како херои во народната војна, а другите кукавички бараат каде и како да купат билет“.

Во однос на непотврдените информации дека повеќе од четвртина милион Руси ја напуштиле земјата откако беше објавена мобилизацијата минатата недела, Симонјан на оние што заминале им порача: „Среќен пат... Само запомнете, таму никој не ве чека. Ќе ви снема пари, а потоа ќе треба да се вратите“. Соловјов откри дека приближно 300 луѓе му се јавиле барајќи совет дали ќе можат да ја напуштат земјата по 27 септември, кога Русија може официјално да почне да ги спречува луѓето на возраст за регрутација да заминат.

Шефицата на РТ ги повика оние што ја организираат мобилизацијата да се потсетат на приказната за бунтот на воениот брод Потемкин, кој бил предизвикан од хранењето на екипажот со црвјосано месо. Симонјан извика: „Сакам да ве потсетам дека таквите ситници доведоа до првиот бунт на цела воена единица во историјата на нашата земја во 1905 година. Дали тоа го сакате?“ и предупреди: „Си играте со вооружени луѓе“.

На крајот на дискусијата таа побара: „Нешто треба да се направи и да не ги вознемируваме луѓето“.

Симонјан и на својот канал на Телеграм напиша дека иако беше најавено дека ќе бидат регрутирани само луѓе до 35 години, „покани добиваат и 40-годишници“ и ги повика луѓето да ѝ ги пријавуваат контроверзните случаи.

Сепак, единствениот што воопшто не беше нападнат ниту навреден во текот на целата дискусија беше Владимир Путин. Напротив, Симонјан дури го пофали Путин што сам го презел „тешкиот товар на одговорноста“.

На 24 септември, и шефот на Советот за човекови права на рускиот претседател, Валери Фадеев, го повика рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу да го запре начинот на кој работат многу регрутациски центри во земјата.

На 25 септември, двајца од највисоките руски пратеници се осврнаа на растечката контроверзност.

Во објава на Телеграм, Валентина Матвиенко, претседателка на Советот на Руската Федерација, рече дека знае за информации дека се повикуваат мажи што не се подобни за регрутација.

„Ваквите испади се апсолутно неприфатливи. И сметам дека е апсолутно исправно што предизвикуваат остра реакција во општеството“, напиша таа.

Вјачеслав Володин, спикер на Државната дума, во посебен пост напиша дека „се примаат поплаки“.

„Доколку се направи грешка, потребно е да се исправи“, рече тој. „Властите на секое ниво треба да ги знаат своите одговорности.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе