Се бара помилување за шкотските вештерки

Единбург планира да го прифати барањето на петицијата за постхумно помилување на невино убиените и запалените жени, а потписниците сметаат дека треба да им се подигне споменик.

Фото: ЕПА

Шкотските власти планираат постхумно да помилуваат и рехабилитираат илјадници жени обвинети за вештерство помеѓу 1563 и 1736 година. Петицијата беше сесрдно поддржана од администрацијата на премиерката Никола Стерџен, а Шкотската национална партија вели дека законот треба да биде усвоен до летово. Тамошните политичари сметаат дека е правилно да се исправи оваа грешка, да се помилуваат луѓето што се криминализирани, главно жени.

Потписниците на петицијата за помилување на вештерките од Шкотска сметаат дека, покрај официјалното извинување, властите треба да им подигнат споменик на невино ловените, прогонувани, измачувани и убиени луѓе, кои во име на правдата и моралот биле прогласувани за демони, зли души, кои довеле до пропаст на цели заедници. Шкотската влада се согласува дека постоел дискриминаторски закон за вештерство од 1563 година, кој бил во сила до 1736 година. Шкотскиот лов на вештерки го почнал кралот Џејмс Четврти со законско одобрување судски процеси, главно на жени и девојки обвинети за поседување зла магија.

Околу 4.000 луѓе биле обвинети во неколку масовни хајки на вештерки под надзор на кралските комисии. Доволно било некој да впери прст во некого затоа што наводно фрлал зли магии или само затоа што мислеле дека за потопувањето на кралските бродови е виновна жената што ја испратила бурата. На клада оделе затоа што, како што биле обвинувани - се претворале во некакви птици, бувови, што ноќе му пакостеле на маалото. Повеќето од запалените девојки, како што се обвинети, лично имале интимни односи со ѓаволот, а потоа родиле наследници на мрачните сили. На луѓето им пречеле и оние што знаеле да ги користат растенијата во медицински цели и воопшто, сите оние што на некој начин се истакнувале. Пред да бидат запалени на клада, обвинетите биле подложувани на различни методи на тортура, признавале дека се криви, дека ја повикале чумата што го убила цело село или ја испратиле бурата што ги уништила посевите.

Тоа било ефикасен начин за справување со неистомислениците, соседите на кои им завидувале, секој што им бодел очи или им пречел. Доволно било да се покаже со прст кон човек и да се каже дека тој лично си има работа со демони.

Палењето невини луѓе на клада во тогашната Европа, но и во Северна Америка, завршило со ширењето на идејата за рационализмот и просветителството. Сепак, ловот на вештерки никогаш не заврши. Овој израз остана врежан во секое апсење, прогон и елиминација на политички, идеолошки и други противници. Ловот на вештерки е жив, само кладата е исфрлена од употреба.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе