Луѓето што ќе добијат негативен тест за ковид-19 седум дена откако стапиле во контакт со потврден случај веројатно нема да бидат заразни, сугерира нова студија.
Истражувањето, доколку се потврди, значи дека периодот на самоизолација по контактите со вирусот може да се намали на седум дена без ризик од понатамошно пренесување доколку се комбинира со тестирање.
Студијата, исто така, укажува на тоа дека дневното тестирање на контакти најмалку 5 дена може целосно да го замени периодот на карантин, но авторите истакнуваат дека ова откритие треба да биде поткрепено со реални тестови пред да бидат усвоени како правило.
Според претходните упатства, секој што ќе стапи во контакт со лице што има позитивен тест за ковид-19 мораше да се самоизолира 10 до 14 дена.
Студијата, објавена во средата во Списанието за јавно здравје Лансет, ги разгледува вирусното количество и чувствителноста на тестовите за ковид-19.
Таа користи математичко моделирање за да го процени влијанието на различните стратегии на карантини и тестирања врз намалувањето на преносот од секундарните инфекции.
Користејќи податоци од Јавното здравство Англија (ПХЕ) и НХС Англија, авторите симулирале нивоа на вирусот што едно заразено лице веројатно ќе ги произведе во секоја фаза на инфекцијата, заедно со времето на појава на симптомите, чувствителноста на тестот и времето на следење и тестирање.