Вкупно, САД генерирале околу 42 милиони тони пластичен отпад во 2016 – повеќе од двојно во однос на Кина и повеќе од земјите на Европската Унија заедно, покажува извештајот на Националната академија за наука, инженерство и медицина. Притоа САД претставуваат помалку од 5 отсто од светската популација.
Просечно секој Американец годишно создава 130 килограми пластичен отпад, а на второто место е Британија со 98 килограми по човек. Во Франција просекот е 43 килограми.
„Успехот на чудесниот изум пластика во 20 век создаде наплив на пластичен отпад на светско ниво, секаде каде што ќе погледнеме“, вели Маргарет Спринг, претседателка на Одборот на експерти кои го напишале извештајот кој го нарачал американскиот Конгрес. Таа го нарече проблемот еколошка и социјална криза.
Најмалку 8,8 тони пластичен отпад завршуваат во океанот секоја година, што е отприлика еден камион за ѓубре кој се истоварува во морето секоја минута, истакнува извештајот. Сета пластика, и онаа фрлена на земја, има потенцијал на крајот да заврши во океанот.
Со моменталното темпо количеството пластика фрлено во океанот може да достигне 53 милиони тони годишно од 2030, што е половина од вкупната тежина риба која годишно се лови во океанот. Производството на пластика експлодираше во 80-тите години на минатиот век, но не и рециклирањето, се наведува во извештајот.
Се препорачува да се развие национална стратегија во САД до крајот на 2022 година со детално разработување на неколку насоки за да се нападне проблемот, на пример поставување ограничувања на производството на пластика која не се рециклира или развој на замена за пластиката. Станува збор за најсеопфатниот извештај за загадувањето со пластика кој е досега направен, кажа Џудит Енк, претседателка на организацијата Бијонд пластикс.