САД официјално се вратија на Парискиот климатски договор

Соединетите Држави повторно се приклучија на Парискиот климатски договор во петокот, зајакнувајќи ја глобалната борба против климатските промени, додека администрацијата на Џо Бајден планира драстично да ги намали емисиите на стакленички гасови во следните три децении.

Фото: ЕПА

Научниците и странските дипломати го поздравија враќањето на Соединетите Држави на договорот, што стана официјално 30 дена откако претседателот Бајден го нареди потегот на првиот ден од својот мандат.

Скоро 200 земји го потпишаа договорот од 2015 година за да спречат катастрофални климатски промени, а Соединетите Држави беа единствената земја што се повлече од него. Тој чекор го презеде поранешниот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека климатската акција би била прескапа.

Американскиот пратеник за клима Џон Кери ќе присуствува на виртуелните настани во петок по повод враќањето на САД кон договорот, вклучително и настапи со амбасадорите во Велика Британија и Италија, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и специјалниот пратеник на ОН за климатски промени Мајкл Блумберг.

Бајден вети дека ќе зацрта пат кон нето нула емисии во САД до 2050 година. Научниците веруваат дека целта е во согласност со она што е потребно и посочуваат дека глобалните емисии мора да паднат за половина до 2030 година за да се спречат најразорните ефекти од глобалното затоплување.

Кери заедно со Бајденовата советничка за клима Џина Мекарти работи на нови регулативи и стимулации за забрзување на употребата на чиста енергија и преминот од фосилни горива.

Овие мерки ќе бидат основа за следната цел на Вашингтон за намалување на емисиите, Национално утврдениот придонес, што ќе биде објавен пред глобалниот климатски самит на 22 април, чиј домаќин ќе биде Бајден. Следната конференција за клима на ООН ќе се одржи во ноември во Глазгов.

Бајден исто така потпиша повеќе од десет извршни регулативи поврзани со климатските промени.

И покрај возбудата за враќањето на САД на глобалните преговори, преговарачите за климата велат дека тој пат нема да биде лесен. Климатските цели на Бајден се соочуваат со политички предизвици во САД, спротивставување на компаниите кои се бават со фосилни горива и одредена загриженост од странските лидери во врска со ненадејните промени во климатската политика на САД.

„Има многу што да се надополни, но надежта во Парискиот договор е жива и силна“, рече Рејчел Клитос од Унијата на загрижени научници.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе