Ако дојде до разговорот, тоа ќе биде прв контакт меѓу Блинкен и Лавров откако почна руската инвазија на Украина на крајот на февруари.
Наведено е и дека разговорот не треба да биде за преговори за Украина, туку за Американците приведени во Русија и за обновување на украинскиот извоз на жито.
Но Москва официјално демантираше дека добила барање од Вашингтон за телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи, Американецот Антони Блинкен и Русинот Сергеј Лавров.
„Покрај медиумските написи за потенцијалниот разговор, ништо не знаеме и не сме добиле никакво официјално барање“, соопштија од Москва.
„Ние во Русија се водиме од вообичаената дипломатска практика“, додаваат од Москва, додека американските медиуми нагласуваат дека САД се подготвени да го разменат Виктор Бут, руски трговец со оружје затворен во САД, кој е осуден на 25 години затвор, за кошаркарката Бритни Грајнер и маринецот Пол Вилан, кои, пак, се во затвор во Русија.