САД ја купиле речиси цела светска залиха на ремдесивир, лекот за коронавирус

Соединетите Држави ја купиле практично целата глобална залиха на ремдесивир, еден од лековите за кои се покажало дека се ефикасни во лекувањето на болеста ковид-19. Во наредните три месеци, нема да има ниту една достапна доза за било која друга држава во светот, пишува британскиот Гардијан.

Фото: ЕПА

Експерти и активисти ширум светот се загрижени за ваквиот потег на американската администрација и стравуваат дека истото може да се случи и ако се открие или произведе првата ефикасна вакцина против коронавирусот. Администрацијата на Трамп веќе покажа дека е подготвена да прегази секој на пазарот за да обезбеди набавка на лекови или заштитна опрема.

„Тие во моментов имаат пристап до речиси сите залихи на ремдесивир, а на Европа не ѝ остана ништо“, рече д-р Ендрју Хил, научник од Универзитетот Ливерпул.

Ремдесивир е првиот лек одобрен од Американската администрација за храна и лекови (ФДА) за употреба во лекувањето на заразените со коронавирус. Ремдесивир го производува компанијата Гилеад и се покажа дека помага во побрзо закрепнување од болеста ковид-19. Првите 140.000 дози биле распределни во болниците низ целиот свет, меѓу другото, за да се тестира ефектот на лекот, а администрацијата на Трамп сега купи повеќе од половина милион дози. Ова е комплетната количина што Гилеад ќе ја произведе во јули и 90 проценти од залихите што ќе ги произведе во август и септември, пишува Гардијан.

„Претседателот Доналд Трамп направи одличен договор со кој на Американците им осигура први да го имаат лекот одобрен за лекување на болеста предизвикана од коронавирусот. Колку што е можно, ние сакаме да му обезбедиме на секој американски пациент на кој му е потребен ремдесивир да го добие тој лек. Администрацијата на Трамп прави сè што е во нејзина моќ за да дојде до нови сознанија за лековите кои спасуваат живот од ковид-19 и да ги обезбеди на Американците“, порача американскиот министер за здравство Алекс Азар.

Ремдесивир првично бил наменет за лекување на заразени од ебола, но не се покажал ефикасен. Просечната терапија за лекување на болеста ковид-19 бара околу шест дози, а тоа чини околу 3.200 американски долари. Договорот меѓу Белата куќа и Гилеад е постигнат откако станало јасно дека епидемијата на коронавирусот во САД повторно ја губи контролата.

Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи во својот говор пред Сенатот рече дека ситуацијата значително ќе се влоши.

„Одиме во погрешна насока. Минатата недела САД имаа дневен раст од 40.000 случаи на зараза и не би се изненадил ако тој број се искачи на 100.000 на ден. Освен ако нешто не се промени. Не знам колку луѓе ќе умрат, но гарантирам дека ќе биде многу вознемирувачко“, рече Фаучи.

Во САД повеќе од 2,7 милиони луѓе се заразени со коронавирус, додека бројот на починати како последица од болеста ковид-19 наскоро треба да надмине 130.000. Американците во двете категории се убедливо полоши од Бразил, втора земја во светот најмногу погодена од коронавирусот.

Во САД се појавија нови жаришта на инфекцијата и нов пораст на епидемиолошката крива, принудувајќи ги некои држави да го забават отворањето или да се вратат во некоја форма на затворање. Меѓу тие држави се Аризона, која ги затвори баровите, кината, теретаните и водните паркови само неколку недели откако биле отворени, а потоа следат Тексас, Флорида и Калифорнија.

Американската набавка на големи залихи на ремдесивир не е првпат Трамповата администрација да стори вакво нешто. Во мај, францускиот производител на вакцини Санофи рече дека Соединетите Држави ќе бидат први што ќе добијат пристап до нивната вакцина доколку се покаже ефикасна.

„Соединетите Држави очекуваат да бидат први што ќе ја добијат вакцината доколку помогнат истата да се произведе“, рече тогаш извршниот директор на Санофи, Пол Хадсон навлекувајќи го гневот на француската влада на себе поради што тој многу брзо ја повлече својата изјава.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе