Прогласувајќи ги талибанците за терористи, Вашингтон ги замрзна нивните средства во САД и им забрани на Американците да соработуваат со нив.
Министерството за финансии во средата издаде три општи дозволи за да го олесни испраќањето хуманитарна помош во Авганистан.
Две од дозволите им овозможуваат на американските функционери и на функционерите на некои меѓународни организации, како што се ОН, по службена должност да соработуваат со талибанците или со мрежата Хакани.
Третата дозвола им обезбедува на невладините организации заштита од американските санкции наметнати на талибанците и мрежата Хакани кога станува збор за одредени активности, вклучително и хуманитарни проекти.
Економската криза во Авганистан се влошува откако талибанците во август ја презедоа власта по повлекувањето на американските сили.
Соединетите Држави и другите донатори ја прекинаа финансиската помош, а повеќе од 9 милијарди долари депонирани во странски банки му се замрзнати на Кабул.
ОН предупредуваат дека речиси 23 милиони луѓе, или 55 отсто од населението во земјата, немаат пари за доволно храна, а речиси 9 милиони се во опасност од глад.
Советот за безбедност на ОН, исто така, усвои резолуција со која донаторите, организациите за хуманитарна помош и финансиските институции што ги поддржуваат се изземени од санкциите од ОН, кои се состојат од замрзнување на имотот на талибанските водачи и со нив поврзаните ентитети.