Официјална Москва демантира

Руските пари за пучот во Црна Гора оделе преку Летонија?

Властите на Летонија истражуваат дали преку нејзините банки се насочувале руски пари за мешање во изборите и во политиката на други држави откако добија предупредување од Соединетите Држави, пишува Ројтерс.

Не е познато кои случаи се истражуваат, но висок летонски службеник ѝ рекол на британската агенција дека еден од нив се однесува на текот на руските пари преку една летонска банка за поддршка на обидот за пуч во Црна Гора.

Овие наводи, кои ја нагласуваат улогата на таа држава како спроводник за руските пари на патот кон запад, се појавија откако третата по големина летонска банка беше затворена во февруари зашто САД ја обвинија за перење на парите.

Министерот за надворешни работи Едгарс Ринкевичс рекол за Ројтерс дека граѓани на Русија и на поранешните советски републики, вклучувајќи и лица под американски санкции, вложувале пари во летонските банки и дека дел од нив можеби е употребен за политичка манипулација.

„Исто така постои врска со... хибридното војување, дека парите што биле префрлувани или држени во летонскиот финансиски систем можело да бидат употребени за поткопување... на политичките системи на други држави“, рече Ринкевичс.

„Во моментов нашите полициски органи истражуваат некои траги што ни се доставени, а се однесуваат на хибридното војување“, кажа шефот на дипломатијата, мислејќи на кампањите за вршење влијание врз политичките настани, наведува Ројтерс.

Летонската министерка за финансии Дана Реизниеце Озола потврди дека владата покренала таква истрага откако добила веродостојни информации од „нашите стратегиски партнери“, мислејќи на САД.

Дана Реизниеце Озола

„Тоа е мошне актуелно прашање... за цела Европа, особено ако се установи дека парите биле користени за манипулирање со изборните резултати во неколку европски држави“, му кажа Реизниеце-Озола на Ројтерс.

Министрите не соопштија детали за тоа кои случаи се истражуваат, но три високи летонски функционери кажаа дека едниот од нив се однесува на протекот на руските пари преку една летонска банка за поддршка на обидот за пуч во Црна Гора во 2016 година.

Ројтерс потсетува дека, додека се одржуваа изборите во Црна Гора, уапсени се 20 лица од Србија врз основа на сомневање дека планирале оружени напади против таа држава. Властите на Србија подоцна соопштија дека откриле докази, вклучително и 125.000 евра во готово и униформи.

Специјалниот обвинител Миливое Катниќ ја обвини Москва за вмешаност во заговорот со цел, како што рече, да се спречи интеграцијата на Црна Гора во НАТО, наведува британската агенција. Кремљ ги отфрли овие наводи како апсурдни.

„Парите што одеа преку Летонија можно е да биле користени за финансирање на пучот во Црна Гора“, кажа еден од летонските функционери, кои сакаа да останат анонимни.

„Можно е парите да биле уплаќани во повеќе делови, во износи од по 15.000 долари, за никој да не забележи“.

Русија е обвинета и за вмешаност во изборите, почнувајќи од Германија до Соединетите Држави, иако Москва го негира тоа.

Ројтерс му упати прашања на Кремљ дали Русија ја користела Летонија за префрлување на средствата што се користени за политичко мешање во Европа, дали учествувала во обидот за државен удар во Црна Гора и дали лица од Русија што се под санкциите на САД имале сметки во банките во Летонија.

Во коментарот што му е испратен на Ројтерс од кабинетот на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков стои: „Одговорот на сите прашања е не“.

Портпаролот на Владата на Црна Гора не ги коментираше наводите, наведува британската агенција.

 

Банките престанаа да работат во швајцарски стил

Последното предупредување на САД дека летонски банки можеби одиграле улога во манипулациите на Русија го нагласува континуираниот притисок на Вашингтон врз балтичките држави да ги засилат контролите.

Претходно годинава американските власти ја обвинија третата по големина банка во Летонија, АБЛВ, за перење пари и кршење на санкциите кон Северна Кореја, што доведе до затворање на банката и до најтешка финансиска криза во последнава деценија.  

Сомневањата дека големи приливи на руски средства исто така би можеле да се употребат за политичко мешање ја нагласија потребата за промена на банкарството во швајцарски стил, кое десетици летонски банки им го нудеа на Русите и на граѓаните од поранешните советски држави.

Ринкевичс кажа дека начинот на работење во земјата е променет и поради поагресивната руска надворешна политика, како таа во Украина.

„Руското однесување прилично се смени“, рече тој за британската агенција. „Постои врска меѓу перењето пари и можноста за употреба на валканите пари за влијание... врз политичкиот систем на нашите сојузници“.  

„Постоеше концепт дека Летонија може да биде мост меѓу Западот и истокот“, рече тој. „Треба да се простиме од целиот тој концепт со мостот“.

Од реализирањето на независноста од Русија во 1991 година, повеќе од десет летонски банки се претставија како порта за западниот пазар за клиентите во Русија и во поранешните советски држави како Украина – и им ветија на клиентите тајност во швајцарски стил.

На врвот од 2015 година летонските банки имаа депозити од околу 12 милијарди евра за странските клиенти, наведува Ројтерс. Банкарите и функционерите велат дека голем дел од тие пари стигнал од Русија.

Поради промената на банкарскиот пристап, Летонија е соочена со напорно балансирање. Вашингтон ѝ е важен воен сојузник на оваа поранешна советска држава со популација од два милиони луѓе на источниот раб на Европската Унија. Од друга страна, Летонија исто така има блиски историски и трговски врски со Русија. 

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе