Детално му раскажал сѐ

Руски шпион му признал на Навални дека го отруле, мислејќи дека зборува со висок функционер

Руски шпион испратен да го следи опозицискиот лидер Алексеј Навални открил како тој бил отруен во август – со смртоносниот нервен агенс новичок поставен во неговата долна облека.

Фото: ЕПА

Константин Кудријавцев раскажал дека отровот новичок го ставиле во гаќите на Навални, пишува Си-ен-ен.

Ова било откриено кога Кудријавцев, кој е агент на елитниот токсичен тим на Федералната служба за безбедност (ФСБ), раскажал сè во долг телефонски разговор со човек за кој мислел дека е член на рускиот Совет за национална безбедност. Кудријавцев зборувал и за други учесници во труењето во сибирскиот град Томск и рекол дека тој имал задача да ги расчисти работите.

Меѓутоа - тој не зборувал со функционер од рускиот Совет за национална безбедност туку со самиот Навални, кој се претставил како член на РСНБ и му рекол дека треба да му даде извештај за мисијата.

Навални, кој сè уште се опоравува на тајна локација во Германија, се претставил како висок функционер од Советот за национална безбедност на Русија што има задача да изврши анализа на операцијата за труење. Неговиот телефонски број бил маскиран како да доаѓа од седиштето на ФСБ, рекол тимот на Навални, а снимката од разговорот подоцна била доставена до Си-ен-ен и Белингкет.

Откако Кудријавцев го потврдил својот идентитет, Навални рекол дека имал задача да добие „краток опис на операцијата од членовите на тимот: што тргна наопаку, зошто имаше тотален неуспех во Томск со Навални?“

Одговорите на Кудријавцев во 45-минутниот повик ги даваат првите директни докази за вмешаноста на единицата во труењето на Навални.

На моменти тој е видно загрижен зашто разговараат на необезбедена линија, но Навални, на моменти зборувајќи и брутално и панично, го убедил дека високи претставници го бараат извештајот веднаш и дека „за сето ова ќе се разговара во Советот за безбедност на највисоко ниво“.

 

Зошто отровот бил ставен во долна облека?

Најдраматично, Кудријавцев дал детален приказ на тоа како нервниот агенс бил нанесен на гаќите на Навални.

Навални прашал: „На каква облека бил ставен? Кое е најризичното парче облека?“

Кудријавцев одговорил едноставно: „Гаќите“.

Навални потоа го прашал каде точно бил нанесен новичок - на внатрешните или надворешните рабови.

„На внатрешноста, меѓуножјето“, одговорил Кудријавцев.

Токсиколозите консултирани од Си-ен-ен рекле дека ако се нанесе на облеката во зрнеста форма, отровот новичок ќе се апсорбира преку кожата кога жртвата ќе почне да се поти.

Тие велат дека во овој случај се чини дека напаѓачите користеле цврста форма на нервен агенс, наместо течност или гел како што беше откриено претходно за нападот против поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ во Велика Британија.

Истрагата на Белингкет користеше илјадници телефонски записи, плус списоци на летови и други документи, за да дојде до експертскиот тим за токсини. Утврди дека, ноќта кога отровот новичок некако влегол во хотелската соба на Навални, имало пинг од мобилен телефон што му припаѓал на еден член на тимот, Алексеј Александров, на само неколку стотици метри од хотелот.

Кудријавцев признал дека го познава Александров и ја пофалил неговата работа.

Разговорот потврдил дека Кудријавцев бил одблиску запознаен со операцијата и дека учествувал во расчистувањето за да се осигури дека нема да останат траги од новичок откако Навални ќе замине од болницата.

На Навални му се слоши на лет кон Москва и пилотот го сврте авионот кон Омск за да добие лекарска помош. Ако авионот продолжел кон Москва, Навални речиси сигурно ќе умрел, велат експертите што ги консултирал Си-ен-ен.

„Летот е околу три часа, тоа е долг лет“, рекол Кудријавцев. „Ако не го спуштите авионот, ефектот ќе биде друг и резултатот ќе беше поинаков. Значи, мислам дека авионот ја играше одлучувачката улога“.

„Не очекувавме дека сето ова ќе се случи. Сигурен сум дека сè тргна наопаку“, додал Кудријавцев - сугерирајќи дека намерата на ФСБ била да го убие Навални, како што рекоа многу токсиколози што го знаат новичок.

Притиснат да каже дали можеби била нанесена погрешна доза на отров, Кудријавцев возвратил: „Колку што знам, ние додадовме уште нешто повеќе“.

 

„Употребивме раствор за да не останат траги на облеката“

„Кога пристигнавме, ни ги дадоа, локалните момци од Омск ги донесоа со полицијата“, вели Кудријавцев во разговорот. Тој додал дека употребиле раствор, за да не останат траги на облеката.

„Значи, нема да има изненадувања со облеката?“, го прашал Навални.

„Затоа одевме таму неколку пати“, одговорил Кудријавцев.

Навални и неговиот тим неколку пати бараа да му се врати облеката, но руските власти одбиваа.

Подоцна, Кудријавцев вели: „Ми рекоа прецизно да работам со гаќите, однатре“.

Навални праша: „Кој го рече тоа? Макшаков?“

„Да“, одговорил Кудријавцев.

Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин во суштина потврди дека ФСБ го следело Навални, но додаде дека во случај да сакале да го убијат, ќе го стореле тоа.

Цитирајќи „обемни“ телекомуникациски и патнички податоци, Белингкет минатата недела објави дека тимот тајно го следел Навални уште од 2017 година. Операцијата наводно почнала откако тој најави дека планира да му биде соперник на Владимир Путин на претседателските избори.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе