Руската војска нарача ракетни системи С-500 (ВИДЕО)

„Прометеј“ ќе може да гаѓа и цели во ниска орбита, ќе влијае на промена на тактиката на воздухопловството, па дури и на геополитиката.

Фото: ЕПА

Министерството за одбрана на Руската Федерација потпиша договор со концернот „Алмаз-Антеј“ за набавка на првата серија противвоздушни ракетни системи С-500 „Прометеј“, објави Тас, повикувајќи се на анонимен извор во руски воено-индустриски комплекс. Оваа новинска агенција прецизира дека до информацијата дошла на маргините на неодамнешната воздушна вселенска изложба MAКС 21, одржана во Жуковски во близина на Москва.

„Министерството за одбрана на Руската Федерација потпиша договор со концернот Алмаз-Антеј за набавка на повеќе од десет системи Прометеј за потребите на Воздушно-вселенските сили. Испораките ќе почнат во првата половина на 2022 година“, рекол соговорникот на Тас, наведувајќи дека се тестираат на полигон на југот на Русија и дека треба да бидат завршени до крајот на оваа година. Во јавноста беше претходно споменато дека ова оружје треба да влезе во употреба во 2025 година.

Има малку официјални информации за С-500, но сигурно е дека станува збор за систем со исклучителни карактеристики, кој во моментов нема конкуренција во светот. Станува збор за мобилно средство поставено на тешки возила, а брзата промена на позицијата е императив во противвоздушната одбрана. Како и некои други руски системи, тој користи неколку вида проектили за да „зафати“ различни типови цели, како што се беспилотни летала, авиони, хеликоптери, па дури и ракети.

Според достапните податоци, максималниот дострел на С-500 е околу 500 километри во далечина и дури 100 километри во височина. Ваквите карактеристики ќе ја натераат „непријателската“ авијација да ја смени тактиката, повеќе нема да може да се полни гориво во авиони во воздух во непосредна близина на местото на операцијата, а и „аваксите“, авионите за надзор на воздушниот простор, ќе мора да се оддалечат.

Такви тактики беа спроведувани за време на нападите на НАТО врз бивша СР Југославија - полнење гориво во авиони над околните држави и следење со „авакс“ од нивниот воздушен простор, вели српска Политика.

Уште поважен факт е опсегот на новиот руски систем. Фактот дека неговите ракети ќе достигнат цели на височина од околу 100 километри го класификува како оружје за противвселенска одбрана. А на таа висина, од постојното оружје, летаат само балистички ракети.

Пред околу десет дена, руското Министерство за одбрана објави дека С-500 е успешно тестиран на полигонот „Капустин Јар“. Параметрите на гаѓањето не се објавени, но беше објавена видеоснимка, која, како што забележаа аналитичарите, е направена така што да не може да се видат деталите, на пример, лансираните ракети. Како што беше објавено, гаѓана е „брза балистичка цел“, односно ракета, а тестот ги потврдил очекувањата на конструкторите и сигурноста на системот.

Како и сите стратегиски системи за противвоздушна одбрана, и овој е дизајниран да ги заштити големите градови и важните објекти. Москва има најсилна заштита од тој вид во Русија, така што С-500 може да биде вклучен во борбено дежурство, деноноќна заштита, во областа на главниот град.

Но ова оружје може да биде распоредено и на други локации, како што се Крим или руската енклава Калининград, со што ќе се „покрие“ поширок простор на Црно Море или Балтикот, што би било адут на Русија во геополитичкиот натпревар со Западот.

Активната фаза на развојот на С-500 „Прометеј“ (порано и под називот „Триумфатор“) почна во 2009 година. Имаше одложувања, но неодамнешниот тест покажува дека е постигнат одлучувачки напредок и дека овој систем во скора иднина може да се најде во арсеналот на руската армија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе