Руската православна црква: Спремни сме за нова средба со папата

Руската православна црква изрази спремност за нова средба меѓу патријархот Кирил, близок до претседателот Владимир Путин, и папата Франциско, и покрај дипломатските тензии околу војната во Украина.

Фото: ЕПА

На вториот ден од посетата на Казахстан, каде што се одржува меѓурелигиски конгрес, но без Кирил, кој ја поддржува руската офанзива против Украина, Франциско ја осуди агресијата, притоа обидувајќи се да го одржи отворен дијалогот со Москва.

Франциско потоа разговараше околу 15 минути со Антон Севрјук, митрополитот волоколамски, Кириловиот министер за надворешни работи, кој средбата ја оцени како срдечна и рече дека е можна средба меѓу поглаварите на двете цркви доколку добро се подготви.

„Мора да видиме кога, каде и најважно е на крај да стигнеме до нешто, како што стигнавме до апелот што го упативме во Хавана“, им рече тој на новинарите, алудирајќи на средбата меѓу Франциско и Кирил во 2016 година на Куба.

Тоа беше прва таква средба по Големата шизма, поделбата меѓу источната и западната црква во 1054 година. Црковниот раскол што ја поделил црквата на католичка и православна се случил за време на цариградскиот патријарх Михајло I Целулариј и папата Лав IX.

Високиот православен функционер изразил жалење што Светата столица ја „откажала“ средбата меѓу Кирил и Франциско што беше закажана за јуни во Ерусалим.

На вториот ден од престојот во Казахстан, Франциско се обрати на Седмиот конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, средба на која се собираат христијаните, Евреите, муслиманите, будистите, хиндусите и другите верници, и рече дека Бог не поддржува војна.

„Бог е мир. Тој секогаш нѐ води по патот на мирот, никогаш по патот на војната“, рече Франциско.

Папата, кој претходно оваа година рече дека Кирил не може да биде министрант на рускиот претседател Владимир Путин, на конференцијата рече: „Светото никогаш не смее да биде поддршка на моќта ниту моќта поддршка на светото!“

Кирил со ентузијазам ја поддржа руската инвазија на Украина, која патријархот ја гледа како бедем против Западот, кој тој го нарекува декадентен. Неговиот став предизвика раздор со Ватикан и внатрешен бунт што доведе до тоа некои локални православни цркви да ги прекинат врските со Руската православна црква.

Франциско исто така рече дека иако насилството од името на Бога никогаш не било оправдано, „вирусите“ на омразата и тероризмот нема да бидат искоренети без претходно отстранување на неправдата и сиромаштијата. Тој рече дека верската слобода е суштинска за мирен соживот во секое општество и дека ниту една религија нема право да ги принудува другите да се преобраќаат.

Папата Франциско попладнето одржа миса на отворено пред околу 3.000 луѓе. Во поранешната советска република има околу 70 отсто муслимани, 25 отсто православни и само еден отсто католици. Ова е 38-ма странска посета на Франциско откако беше прогласен за папа во 2013 година.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе