Изјавата доаѓа во време на меѓународна осуда на Русија за повеќемесечната блокада на клучни пристаништа.
„Руската Федерација презема голем број мерки за да се осигура безбедноста на цивилната пловидба во водите на Црното и Азовското Море“, се вели во соопштението на Министерството. „Сè уште постои опасност за пловидба и оштетување на пристанишната инфраструктура поради отстранувањето на украинските мини откинати од сидрата долж брегот на црноморските држави“.
Светските лидери ја осудија повеќемесечната блокада на руските сили во клучните пристаништа во Украина, вклучително во Мариупол на Азовското Море и Одеса на Црното Море, што остави повеќе од 20 милиони тони житарки заглавени во земјата.
Украинската морнарица во понеделникот соопшти дека околу 30 руски бродови и подморници продолжиле да ја блокираат цивилната пловидба во Црното Море.
Според руското соопштение, поморскиот хуманитарен коридор во Азовското Море ќе работи 24 часа за бродовите да можат да го напуштат пристаништето во Мариупол.
Во меѓувреме, кога станува збор за Црното Море, руското Министерство за одбрана соопшти дека поморскиот хуманитарен коридор ќе функционира во текот на работниот ден, така што ќе можат да се напуштат „пристаништата Херсон, Миколаев, Черноморск, Очакив, Одеса и Јужна во југозападен правец од територијалното море на Украина“.
Министерството исто така ги обвини украинските власти дека не презеле чекори за решавање на проблемот со блокираните бродови.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во вторникот повтори дека Украина мора да ги деминира крајбрежните води за бродовите за жито да можат да поминуваат, и рече дека Русија ќе го олесни нивниот премин и нема да ги користи деминираните морски коридори за напад на Украина.