Русите тврдат дека санкциите им го развиле земјоделството

Русија е самодоволна во снабдувањето на основните прехранбени производи, а санкциите и ембаргото на увоз на тие производи го поттикнаа руското земјоделство на забрзан развој, соопшти руското министерство за земјоделство.

Во август 2014 година, Русија забрани увоз на некои земјоделски производи и суровини од земји што ѝ воведоа санкции поради анексијата на украинскиот Крим.

Меѓу овие земји се САД, земјите од ЕУ, Канада, Австралија и Норвешка. Забраната се однесува на увоз на месо, сувомесни производи, риби и морски плодови, зеленчук, овошје и млечни производи. Руските контрамерки како одговор на санкциите се во сила до крајот на 2020 година.

„Русија целосно ги обезбедува своите потреби за основните прехранбени производи, благодарение на динамичниот развој на земјоделството што овозможува задоволување на потребите на целата земја. Постигнавме значителен степен на прехранбена безбедност практично во сите клучни области: имаме доволно житарки, растително масло, шеќер, месо и месни производи“, се вели во прегледот на руското Министерство за земјоделство за достигнувањата на земјоделскиот комплекс.

Министерството посочува дека санкциите поттикнале инвестиции во развој на земјоделството и довеле до зголемување на работните места во земјоделството и сродните индустрии. Се наведува дека во периодот на руските „контра санкции“ земјоделството се зголемило за 14,3 проценти, а увозот се намалил за 31,2 проценти.

„Покрај тоа, благодарение на растот на производството, во последниве години од супституцијата на увозот преминавме на извозно ориентиран модел на земјоделски развој, а Русија стана значаен снабдувач на храна на светските пазари, рангирајќи се на прво место во извозот на пченица, и е меѓу лидерите во извозот на растително масло и риба“, се вели од руското министерство за земјоделство.

Русите оваа година очекуваат поволна динамика во речиси сите видови земјоделско производство. Така, Министерството за земјоделство потенцира дека приносот на житарици ќе биде доволен за домашните потреби, но и за извоз.

Исто така, се очекува и рекордна берба на зеленчук во оранжериите, како и рекорден принос на маслодајни растенија, очекуван раст на производството на месо и живина е 1,8 проценти, додека во производството на млеко се очекува раст во однос на минатата година за 1,5 проценти.

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе