На страницата на Фејсбук на амбасада беше објавено дека „забележале сè повеќе нагаѓања“ за судбината на мировната операција на Европската Унија во БиХ наречена Алтеа, чиј мандат е да ја надгледува безбедноста во таа земја и воено да реагира во случај на потреба.
Мандатот на Еуфор во БиХ секоја година мора да го продолжи Советот за безбедност на ОН, а се појавија претпоставки дека Москва во ноември годинава би можела да стави вето како резултат на глобалниот судир со Западот околу војната во Украина.
НАТО претходно потврди дека разгледува и такво сценарио и дека разработуваат планови кои ќе обезбедат БиХ да не е во безбедносен вакуум, особено поради светската криза предизвикана од руската агресија на Украина. Руската дипломатија сега тоа го опиша како „пропагандна врева“ чија крајна цел е да се внесе БиХ во НАТО.
„Се чини дека одделни западни држави, пред сè САД и Британија, подготвуваат терен за ползечка „натоизација“ на БиХ. Тоа воопшто не се прави во интерес на јакнењето на внатрешната безбедност во БиХ, која, како што и самиот Запад потврдува, не е загрозена, туку за геополитичка доминација“, се наведува во руската изјава.
Се додава дека „не се исклучуваат провокации со кои ќе се докаже „слабоста“ на Еуфор и потребата од негова замена со окупаторски трупи на НАТО“.
Оценија дека состојбата во БиХ е стабилна и дека не било потребно ни Германија да испраќа свои трупи како засилување на Еуфор, а особено ги отфрлаат повиците на ризици поради војната во Украина.
На властите во БиХ им испратија повик да не учествуваат „во наметната игра со означени карти“.