Азербејџан со договорот ќе ги задржи териториите кои ги освои во борбите, вклучувајќи го Шуша, вториот најголем град во енклавата.
Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека договорот би требало да го отвори патот кон долготрајно политичко решение на конфликтот кој однесе стотици животи и за малку ќе се прелееше во околниот регион.
Борбите меѓу двете страни почнаа на 27 септември, а Азербејџан тврди дека вратил поголем дел од териториите кои ги изгубил во војната 1991-1994, во која загинаа 30.000 луѓе.
Русија и понатаму е главниот играч во регионот
Новиот договор се смета за доказ дека Русија, која има одбранбен сојуз со Ерменија и воена база на нејзината територија, и понатаму е главниот играч во регионот кој го смета за свој двор, и покрај обидите на Турција да го прошири влијанието.
Руските мировни сили ќе останат во Нагорно Карабах најмалку пет години, а Путин објави дека ќе бидат распоредени на првата линија на конфликтот и на границата меѓу таа област и Ерменија.
Денес во Нагорно Карабах одлета последниот од 10 воени авиони со речиси 2.000 војници.
Азербејџан со новиот договор ќе добие пат кој го поврзува со иранско Турската граница, што на Турција ќе ѝ овозможи копнен пат до азербејџанските територии.
Путин: Бегалците сега можат да се вратат во Нагорно Карабах
Турската војска ќе формира заеднички набљудувачки центар со Русите, а договор за тоа се очекува подоцна денес.
Путин објави дека бегалците можат да се вратат во Нагорно Карабах и најави размена на затворениците и телата на загинатите, како и повторно воспоставување на „нормалниот“ живот во регионот.
„Дејствуваме врз основа на претпоставката дека ќе се создадат нужните услови за долготраен и целосен договор околу кризата во Нагорно Карабах врз праведни темели и во интересите и на ерменскиот и на азербејџанскиот народ“, објави Путин.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев договорот го прогласи за кулминација на големата победа на својата држава и капитулација на Ерменија, додека ерменскиот премиер Никола Пашинјан се обиде да ја ублажи ситуацијата, наведувајќи дека одлуката е донесена по „длабока анализа на борбената ситуација и во договор со најдобрите експерти“.