Информацијата ја пренесе украинската новинска агенција Укринформ, а на социјалните мрежи ја сподели и украинскиот парламент.
Пожарот во нуклеарната централа избувнал недолго по полноќ, по гранатирањето. Стравот од потенцијална нуклеарна катастрофа во централата Запорожскаја се проширил низ светските метрополи, пред властите да кажат дека пожарот во зградата идентификувана како центар за обука, бил изгаснат.
Украинскиот инспекторат за нуклеарна енергија соопшти дека самите реактори во пожарот што избувнал по гранатирањето не се оштетени. Како што наведоа, оштетена е реакторската комора на блок бр. 1, што не влијае на безбедноста на блокот.
Системите и елементите важни за безбедноста на нуклеарните централи се во добра состојба. Досега не се забележани промени во статусот на радијација во централата, која обезбедува повеќе од една петтина од вкупната електрична енергија произведена во Украина.
Украинската регионална власт во објава на Фејсбук потврди дека руските сили ја зазеле централата и рече дека оперативниот персонал ја следи состојбата на енергетските единици за да се осигура дека можат да работат безбедно.