Русија тврди дека прва ќе има вакцина против коронавирус и тоа многу брзо

Русија планира да биде првата држава во светот што ќе одобри вакцина против коронавирусот. Тие планираат да го сторат тоа за помалку од две недели и покрај загриженоста за нејзината безбедност, ефективност и околу тоа дали Русија пропуштила да одработи некои есенцијални делови во нејзиниот развој, дознава Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Руските власти за Си-ен-ен изјавија дека работат на тоа вакцината, создадена од рускиот институт Гамалејa, да биде одобрена на 10 август или порано.

Ќе биде одобрена за јавна употреба со акцент на тоа дека здравствените работници ќе го добијат први, изјавија руските власти за американскиот медиум.

„Ова е како моментот кога беше лансиран Спутник“, рече Кирил Дмитриев, шеф на рускиот фонд РДИФ, кој го финансира истражувањето на вакцините, мислејќи на успешното лансирање на првиот сателит на светот во вселената во 1957 година од страна на Советскиот Сојуз.

„Американците беа изненадени кога го слушнаа звукот на Спутник. Истото е и со вакцините. Русија ќе го има прва“, додаде тој.

Но, Русија не објави никакви научни податоци за својата вакцина и Си-ен-ен не може да ја потврди нејзината безбедност или ефективност. Критичарите велат дека државата го протуркала развојот на вакцината по политичкиот притисок од Кремљ, кој сака да ја претстави Русија како глобална научна моќ.

Исто така, постои голема загриженост дека тестирањето на вакцината врз луѓето е нецелосно.

Неколку вакцини во моментот се во фаза на тестирање низ целиот свет, а само мал број се меѓу оние кои се покажале ефикасни на голем примерок. Повеќето научници предупредуваат дека им претстои многу работа пред да бидат одобрени нивните вакцини.

Додека некои светски вакцини се во трета фаза на тестирање, руската штотуку ја завршува втората фаза. Русите планираат да ја комплетираат до 3 август, а потоа да започнат со трета фаза на тестирање паралелно со давање на вакцината на здравствените работници.

Руските научници велат дека вакцината е развиена брзо, бидејќи е изменета верзија на веќе постоечка, создадена за борба против други болести. Овој пристап го прифатија многу земји и компании ширум светот.

Фирмата Модерна, чија вакцина е поддржана од американската влада и која започна со трета фаза на тестирање во понеделникот, ја изгради својата вакцина против коронавирус врз веќе постоечката вакцина за МЕРС. Додека ваквиот пристап го забрзува целиот процес, американските и европските регулатори бараат целосни тестови за безбедност и ефикасност на вакцините.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските војници послужиле како доброволци при тестирањето на вакцината.

Александар Гинсбург, директор на проектот, за Си-ен-ен изјави дека веќе се вакцинирал. Руските власти велат дека на вакцината се работи забрзано заради глобалната пандемија и проблемите предизвикани од коронавирусот во самата Русија. Од почетокот на пандемијата во Русија се потврдени повеќе од 800.000 случаи на зараза.

„Нашите научници не се фокусирани да бидат првите што ќе дојдат до вакцина, туку да им помогнат на луѓето“, ијави Кирил Дмитриев.

Вакцината користи човечки аденовирус кој е ослабен, така што не се реплицира во организмот. За разлика од другите вакцини во развој, руската се заснова на два вектори, не еден и пациентите ќе добијат втора, посилна доза.

Официјални лица велат дека во моментов се собираат научните податоци и ќе бидат достапни за стручен преглед и објава во научните списанија најрано во август.

„Русија ја надмина својата водечка улога во развојот на вакцини и својата докажана платформа за вакцини против ебола и МЕРС за да го донесе првото безбедно и ефикасно решение за најголемиот проблем во светот“, изјави Дмитриев претходно за Си-ен-ен.

Светската здравствена организација (СЗО) вели дека нема одобрена вакцина за МЕРС.

Рускиот министер за здравство, кој сè уште не го потврди официјалниот датум за одобрување на вакцината, вели дека здравствените работници ќе бидат меѓу првите што ќе бидат вакцинирани откако ќе биде одобрена за јавна употреба.

Обемните тестирања на вакцини во Велика Британија, САД и на други места во светот брзо напредуваат, но никој не се обврзал на рок до кој би лансирале готов производ.

Раните резултати од тестирањето на вакцината произведени на универзитетот Оксфорд и од компанијата Астра Зенека ветуваат, но Мајк Рајан главниот извршен директор на СЗО, вели дека е „долг патот пред нас“ во однос на вакцините.

„Ова се студии од прва фаза. Сега треба да се свртиме кон тестирања на поголеми примероци, но добро е да видиме повеќе податоци и производи кои се приближуваат до важната фаза за пронаоѓање вакцина“, рече тој.

Претходно во јули, Кремљ ги отфрли тврдењата дека руски шпиони ги хакирале американските, канадските и британските истражувачки лаборатории за да украдат тајни за развојот на вакцина.

Руските власти, исто така, ги отфрлија сомневањата дека членови на државниот политички врв на земјата и бизнис елитата - вклучително и претседателот Путин - добиле приоритетен пристап до вакцина од останатите.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе