Русија ја регистрираше аденовирусната вакцина „Спутник V“ и ја промовира како прва во светот, и покрај тоа што таа не помина обемни испитувања за да се докаже нејзината безбедност и ефикасност, вели Москва тајмс.
„Првите испораки во големи количества ќе почнат во септември“, рече Мурашко, цитиран од државната агенција ТАСС.
Министерот за здравство рече дека производството е во тек паралелно со следењето на ефикасноста на вакцината по регистрирањето.
Масовната кампања за вакцинација ќе почне меѓу руските волонтери во октомври, еден месец по почнувањето на индустриското производство, според шефот на националниот суверен фонд што плаќа за проектот за вакцинација.
„Вакцината прво и најважно ќе им биде испратена на здравствените работници и на наставниците“, рече Мурашко, додавајќи дека вакцинацијата ќе биде „целосно доброволна“.
Досега за испитувањата на вакцината во третата фаза од 40.000 волонтери се регрутирани околу 2.500 лица, рече тој.
„Уште неколку вакцини поминуваат низ регистрација. Ќе ги достигнеме максималните капацитети во ноември-декември“, рече Мурашко.
Русија вели дека повеќе од 20 земји побарале над 1 милијарда дози од вакцината Спутник V и покрај безбедносните проблеми.
Западните научници изразија загриженост во врска со брзината на развојот на руските вакцини, посочувајќи дека истражувачите би можеле да скокаат фази под притисок на надлежните органи за испорака. Русија ги отфрли критиките како обид да се поткопаат нејзините истражувања.
Општата популација се очекува да се вакцинира со Спутник V од 1 јануари 2021 година, според потврдата за регистрација на веб-страницата на руското Министерство за здравство.