петок, 29 март 2024

Предизборните коалицирања при крај

Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, политичките партии во земјава продолжуваат со предизборните коалицирања.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на Унија на Ромите, Фатима Османовска и лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, во општина Шуто Оризари го потпишаа коалицискиот договор за приклучување на Унија на Ромите кон Европскиот фронт предводен од Ахмети.

Османовска порача дека Ромите ќе влезат во Европската Унија како рамноправни со сите граѓани, бидејќи како што рече, ромската заедница има високо образовен и стручен кадар, како и ромска политичка партија, за која рече, обединува и организира.

Претседателката на Унија на Ромите, Фатима Османовска и лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, денеска во општина Шуто Оризари го потпишаа коалицискиот договор за приклучув

„Како заедница со децении наназад молиме за да се створи шанса за нас, ни велеа немате образовен кадар, немате политичка моќ, не сте организирани. Еве сме сега со високо образовен и стручен кадар со ромска политичка партија која што обединува и организира. Застанати пред европската врата, Ромите ќе влезат во ЕУ како рамноправни со сите граѓани“, порача Османовска.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во своето обраќање истакна дека големо достигнување е тоа што Општина Шуто Оризари е единствената општина на ромска заедница во Европа и ѝ укажа на Османовска дека ја има поддршката од Албанците, бидејќи како што рече, тие знаат како е да се биде маргинализиран.

„Нашата земја мора да се интегрира во ЕУ и да има владеење на правото, а тоа заедно како Европски фронт мора да го постигнеме. ДУИ ќе направи сѐ што е потребно за во Собранието да има ромска претставничка“, порача Ахмети.

Дел од Европскиот фронт на претстојните избори ќе биде и крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села. Одлуката да се приклучат на Европскиот фронт – коалицијата предводена од ДУИ, вчера, како што изјави Села, била донесена едногласно на седницата на Централното собрание на партијата.

„Одлучувавме за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА – делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица возржани за АА да биде дел од Европскиот фронт, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за да нашата иднина биде уште подобра“, рече Села.

Прашан за понудата од ДУИ за пристапување во Европскиот фронт Села рече дека очекуваат да добијат најмалку пет пратенички мандати.

„Бројот на пратеници ги одредува народот, гласачите, а не политичките партии. А ние сме се договориле во оваа коалиција, АА да ја зачува парламентараната група во Собранието. Но како резултат на гласањата од гласачите, овие бројки може и да се зголемат. Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Од друга страна АА ќе има минимум парламентарна група“, рече Села.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски завчера во седиштето на партијата потпиша коалициски договор со лидерите на партиите кои влегоа во „Коалиција за европска иднина“. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО-НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.

„Коалицијата за европска иднина“, како што посочија, е целосно посветена на европскиот пат и има јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда. Коалицијата се залага за европски животен стандард за граѓаните, економски раст и развој преку директни вложувања и странски инвестиции, преку капитални и инфраструктурни инвестиции, но и преку поддршка на домашните компании, како и за достоинствен живот за пензионерите како основни постулати на предизборните активности и кампањи.

Достоинство и Демокартски сојуз веќе објавија дека излегуваат од владината коалиција и дека ќе ѝ се приклучат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа на седници на Извршниот и Централниот комитет ги потврди листите за пратеници за претстојните парламентарни избори закажани на 8 мај. Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање истакна дека на пратеничките листи нема да има претставници од новоприклучените коалициски партнери. Најави дека ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе го потпише договорот со коалициските партнери со кои ќе настапат на претстојните избори.

Коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори завчера потпишаа и политичките партии ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, Интегра – Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР. Дел од програмата на оваа Коалиција „Храбро за Македонија“ со која ќе учествуваат на претстојните претседателски и парламентарни изборикои се непромена на Уставот, пораст на животниот стандард, социјална заштита на граѓаните, подобро образование, безбедносен систем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ