четврток, 28 март 2024

Кандидатите за претседател се согласија да ги одмерат силите на јавна дебата

Изборните штабови на претседателските кандидати во земјава постигнале начелен договор за одржување на мастер дебата на неутрален терен, со неутрални модератори, која ја предложи актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, кој ќе се трка за уште еден мандат на претстојните избори.

Објавено на

часот

Сподели

Од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Пендаровски денеска на средба со новинарите информираа дека сите штабови дале начелна согласност за идејата, но сè уште се усогласуваат некои технички детали. Исто така, потврдено е дека нема да има исклучување на кандидати од дебатата, без оглед на барањата од некои кандидати за изземање на своите ривали.

Дебатата, ќе биде организирана од страна на изборните штабови, а дополнително ќе се оствари средба со медумите, за да се изнајде решение за начинот на кој ќе се реализира оваа идеја. Секоја партија ќе има можност да донесе своја публика, а сите медиуми ќе можат да вршат пренос во живо.

Актуелниот претседател и кандидат за уште еден мандат Пендаровски на 4 април со отворањето на изборниот штаб во центарот на Скопје ќе ја започне кампањата, а неговата Конвенција ќе се одржи на 2 април во салата Борис Трајковски.

Претседателот Пендаровски вечерва во Клубот на пратеници ќе организира ифтарска вечер на која се поканети неговите против кандидати и претставниците на ИВЗ. Од кабинетот информираа дека ваква вечера ќе организира и за Велигден.

Од штабот на Пендаровски претходно појаснија дека тој ги кани неговите шестмина противкандидати на две мастер дебати, кои би се одржале на почеток и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април.

Во текот на кампањата планирано е големо присуство на терен и освен поголемите митинзи во градовите, предвидени се многубројни средби со граѓани. За време на кампањата планирано е Пендаровски да посети најмалку 60 населени места.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ