Потегот веројатно ќе се толкува како нов знак дека Кремљ не сака Навални, кој заздравува во Германија, да се врати во Русија.
Еден од главните критичари на рускиот претседател Владимир Путин, Навални во август со авион беше префрлен на лекување во Германија, откако колабираше. Германија и други западни земји тврдат дека станува збор за обид за убиство со нервниот гас новичок.
Русија негира каква било вмешаност во инцидентот, а во меѓувреме властите отворија истрага против Навални поради, како што тврдат, „измама од големи размери“.
Во соопштението на рускиот истражен одбор, кој ги разгледува сериозните кривични дела, се наведува дека Навални е осомничен за трошење на околу 356 милиони рубљи (околу 3,9 милиони евра) за приватни потреби, а станувало збор за донации кои ги собрале неколку организации и здруженија со кои соработува.
Руските власти кажаа дека станува збор за здруженија кои се борат против корупцијата или за заштита на човековите права, а во соопштението се наведува дека станувало збор за купување стока или услуги и покривање лични трошоци како патувања во странство.
Навални одговори на обвинението на Твитер кажувајќи дека е измислено и дека личи на „хистерична акција која ја наредил Путин“. Додаде дека предвидел дека властите ќе се обидат да го уапсат откако не успеале да го убијат. Кремљ претходно денес одби да ги коментира другите потенцијални правни постапки против Навални.
Путин претходно кажа дека извештаите на медиумите според кои руски агенти на државната безбедност го отруле Навални се дел од заговорот поддржан од САД во обид да го дискредитираат. Додаде и дека Навални не е толку значаен за да биде мета.