Русија го продолжи своето учество во договорот со посредство на Турција и ОН за извоз на украинско жито преку Црно Море, објави денеска Министерството за одбрана.
Москва се согласи да ја повлече суспензијата откако доби писмени гаранции од Киев дека нема да го користи безбедносниот коридор обезбеден од Русија за воени цели, се вели во соопштението.
„Во овој момент, Руската Федерација смета дека издадените гаранции се доволни“, истакна Министерството.
Одлуката на Москва да го прекине учеството во договорот беше објавена минатата недела, откако руската војска ја обвини Украина дека го користи коридорот за напад со беспилотни летала врз пристаништето Севастопол.
Во денешното соопштение им се припишуваат заслуги на ОН и на Турција за обезбедувањето на писменото ветување од Киев. Договорот, за кој првпат беше преговарано во јули, е технички збир од два трилатерални договори меѓу двата посредници и Русија и Украина.