Протокот падна на нула во Северен тек кој оди кон Германија преку Балтичкото Море, покажуваат податоците од влезната точка на гасоводот на германската гасна мрежа.
Гас за Германија нема да има од 3 часот по средноевропско време во среда, до раните утрински часови во сабота, објави руски Газпром.
Европските власти стравуваат дека Москва тој период би можела да го продолжи поради западните санкции наметнати по инвазијата на Украина и повторуваат дека рускиот претседател Владимир Путин ги користи енергенсите како оружје.
Понатамошни ограничувања на европското снабдување со гас би ја засилиле енергетската криза поради која големопродажните цени на гасот веќе скокнаа за повеќе од 400 отсто од минатиот август, создавајќи криза на животните трошоци за потрошувачите и отежнувајќи им го работењето на компаниите и присилувајќи ги владите да трошат милијарди за да го намалат товарот.
Москва веќе го намали снабдувањето преку Северен тек на 40 отсто од капацитетот во јуни и на 20 отсто во јули, за што обвинува проблеми со одржувањето и санкции кои, како што вели, го спречуваат враќањето и инсталацијата на опремата.
Газпром објави дека најновиот прекин е потребен за одржување на единствениот преостанат компресор на гасоводот.