Газпром му вети на Рим само половина од 63-те милиони кубни метри гас нарачани за петокот, објави ЕНИ. Испораките на гас веќе беа намалувани оваа недела, за 15 отсто во средата и за 35 отсто во четвртокот.
Русија во последните неколку недели го прекина или го намали снабдувањето со гас за неколку европски земји поради споровите околу санкциите на Западот воведени кон Москва поради нејзината инвазија на Украина. Испораките за Германија беа намалени за 60 отсто оваа недела преку гасоводот Северен тек во Балтичко Море.
Цените на енергенсите значително се зголемија поради намалените испораки на руски гас во Европа, а многу аналитичари стравуваат дека Русија би можела целосно да го прекине снабдувањето за да изврши тактички притисок врз Европа. Комесарот за економија на Европската комисија, Паоло Џентилони, во четвртокот предупреди дека стариот континент би можел да влезе во рецесија доколку се прекине снабдувањето со гас од Русија.